Извор: ФИТР

Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска го објави конкурсот за кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва, старт-ап и спин оф, од инструментот за поддршка „Стартапувај 3“, кој ќе трае до 12 јуни годинава. Вкупниот буџет изнесува 2 милиони евра и преку овој инструмент се очекува да се поттикне развојот на воведувањето иновации и да се обезбеди поддршка за правните лица кои сакаат да развијат нов производ или услуга.

Како што објасни на прес конференцијата, директорот на ФИТР, Коста Петров, преку овој инструмент, Фондот обезбедува до 90 отсто од вкупниот буџет на проектот, но не повеќе од 40.000 евра за трговски друштва кои се до 3 години постоење, а до 85 отсто од вкупниот буџет, но не повеќе од 60.000 евра, за трговски друштва со над 3, а помалку од 6 години постоење, до моментот на аплицирањето. Но, сега за прв пат се дава и можност за аплицирање за грант средства и на тимови кои имаат најмалку пет членови.

„Средствата одобрени по овој инструмент за финансиска поддршка, не предвидуваат механизам за поврат. Ако станува збор за трговско душтво, тоа треба да исполнува повеќе критериуми за подобност, годишни приходи до милион евра, просечниот број на вработени да е до 250 и друго. А, во случај кога како апликант се јавува тим и чиј предлог проект ја поминал фазата на селекција, тој е обврзан во рок од 30 дена по приемот на известувањето за селекција, да основа трговско друштво во кое како основачи ќе бидат најмалку 51 отсто од членовите на тимот“, рече Петров, кој додаде дека се во тек преговори со неколку банки за продукти за нови кредитни линии за финансирање на старт-ап и спин-оф бизниси.

Според вицепремиерот Фатмир Битиќи, Владата ќе продолжи со поддршката на вакви проекти, затоа што е голем потенцијалот и идеите кај младите од државава кои сакаат да започнат со сопствен бизнис. Во таа насока ќе се модифицираат законските решенија според потребите, ќе се олеснува административната процедура, пристапот до финансии и ќе се создаваат најповолни услови за инвестирање.

„Има голем број на иновативни млади луѓе и ним треба да им се даде можност за реализација на идеите и за водење на успешен бизнис. Досега се поддржани 305 старт-ап проекти, со над 17 милиони евра“, рече Битиќи.