ФИТР: Пет пилот општини ќе може електронски да плаќаат сметки кон општината и јавните претпријатија

За полесен пристап и поквалитетни услуги на локално ниво преку развој на дигитални алатки и решенија, Фондот за иновации и технолошки развој и УНДП реализираа јавен повик за дигитализација на општините, соопштија од ФИТР.

Избраното решение на компанијата Ентер од Охрид – Е-платформа LUCA E-LSG PLATFORM – ќе ги опфати алатките за Воспоставување на електронски систем за наплата на давачките кон општината; Воспоставување на систем за електронско плаќање на сметки кон јавните претпријатија; Електронски систем на волонтери и Онлајн платформа за општински форум. Платформата ќе биде изработена со јасни и разбирливи инструкции за користење, со цел да биде искористено од страна на различни категории на граѓани од различни возрасни структури.

Избраните дигитални алатки во оваа прва фаза ќе се имплементираат во 5 пилот општини: Центар Жупа, Боговиње, Свети Николе, Прилеп и Куманово кои се селектирани преку Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) насочена кон поддршка на државата за справување со ефектите од ковид-19, како и спроведување на брза и сеопфатна социоекономска анализа за ефектите од пандемијата и утврдување на можности за побрзо опоравување на локално ниво.

На отворањето на јавниот повик, директорот на ФИТР Јован Деспотовски истакна дека „дигитализацијата на јавниот сектор го отклучува потенцијалот за поголема ефикасност и поголем квалитет на услугите. Јавниот сектор така станува поотворен, потранспарентен во своето работење, а со тоа го затвораме просторот за ризик од т.н. ‘ситна’ корупција, со кој се соочуваат многу наши сограѓани секојдневно при потребата за користење на услуги од јавните службеници“.

Нарине Сахакјан, постојана претставничка на УНДП во земјава најави продолжување на поддршката за примена на иновации во јавниот сектор.

„УНДП е посветена на поддржување на иновации и дигитализација во различни сектори како начин за надминување на предизвиците создадени од ковид-19 и за трансформирање на постоечките системи со воведување на пофлексибилни и отпорни начини за пристапување до јавните услуги. Во таа насока е и нашата соработка со Фондот за иновации, за остварување на заедничката цел на зајакнување на иновациските активности во земјата, со посебен фокус на јавните услуги и зајакнувањето на соработката меѓу јавниот и приватниот сектор“ рече Сахакјан.

УНДП ги обезбедува средствата за повикот – 4 милиони денари, а спроведувањето му е доверено на Фондот и ќе се врши со користење на успешно воспоставените процедури и капацитетите на ФИТР. Е-Платформата треба да биде изработена за максимум 30 дена, и да биде имплементирана до крајот на годинава.

Избраното решение исто така ќе биде целосно бесплатно достапно и за останатите единици на локална самоуправа од С.Македонија, кои ќе изразат подготвеност за нивно имплементирање.

На јавниот повик, реализиран во периодот 2 до 19 октомври учествуваа 13 домашни компании, од кои 8 преминаа во фаза на финална селекција. Одлуката за избор ја донесе Комисијата за евалуација и избор составена од претставници на УНДП, ФИНКИ, ФИТР и двајца претставници од општините. Степенот на технолошкиот напредок и степен на дигитализација, квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим и влијание беа клучни критериуми за оценка на предлог проектите.