Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) денеска го објави јавниот повик „Младите создаваат“ за воспоставување на лаборатории за производство. Целта е преку проекти, учениците и студентите на возраст од 15 до 29 години, не само да стекнат знаење, туку и вештини и тоа на креативен и аналитички начин да го применат за изнаоѓање нови решенија на различни проблеми.
Аплицирањето ќе се одвива по електронски пат и ќе трае до 20 јули годинава. За финансирање на проекти од овој повик обезбеден е вкупен износ од 9 милиони денари (146 илјади евра). ФИТР обезбедува до 90 отсто од вкупниот буџет на проектот, во максимален износ од 4,5 милиони денари. Преостанатите 10 отсто треба да бидат обезбедени од апликантот. Времетраењето на проектот е до 12 месеци, а ФИТР може да одобри продолжување на рокот до шест месеци.
„Предизвикот за воспоставување на лаборатории за производство има за цел на младите да им овозможи просторни, материјални и технички услови за развивање на иновативни производи, услуги, процеси, активности или методологии со кои се нудат практични и општествено корисни решенија за одредени прашања или проблеми во приоритетни области од науката и технологијата. Истовремено, тие ќе претставуваат место за соработка помеѓу приватниот сектор, високо-образовните и научни установи, претпријатијата и граѓанските здруженија“, изјави на прес конфереција Катарина Кречева од ФИТР.
Лабораториите ќе бидат лоцирани во високо-образовните и научно-истражувачките установи, ќе исполнуваат определени технички услови и ќе бидат место за игра, креација и пронаоѓање на младите, кои ќе учат и создаваат преку поттикнување на сопствената иновативност.
„Натпреварувачите треба да понудат предлог проект за лабораторија за производство „FAB LAB” во простории во високо-образовни или научно-истражувачки установи, каде лицата на возраст од 15 до 29 години ќе имаат бесплатен пристап, менторска поддршка, просторни и технички услови да конструираат прототип или мало производство на иновативно решение кое ќе можат да го тестираат во лабраториска, во индустриска средина и/или на пазарот“, објасни Кречева,
Предлог проектот може да биде поднесен од поединечен натпреварувач, од поединечен натпреварувач во партнерство со други правни лица или од конзорциум предводен од водечки натпреварувач. Можат да учествуваат правни субјекти, јавни универзитети, самостојни јавни високообразовни установи, приватно-јавни непрофитни високообразовни установи, трговски друштва во доминантна сопственост на јавни високообразовни установи, здруженија и фондации активни во области на млади, образование, наука, технологија и/или иновациска дејност и други.
Процесот на административна проверка, претселекција и селекција ќе трае 60 дена по крајниот рок за доставување на предлог проектите, а секој од нив се оценува од посебна комисија од најмалку 5 члена.
Директорит на ФИТР, Коста Петров, ги повика и ги охрабри младите истражувачи да се пријават на повикот и да создадат успешни иновативни приказни.