fbpx

ФИТР додели иновациски ваучери за 34 научно-истражувачки проекти, од кои најмногу се на УКИМ

-

Од денеска 34 проекти започнуваат со реализација на кои заедно ќе работат домашните компании и академската заедница во функција на економскиот развој, соопшти директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, кој на денешната прес-конфренција ги презентираше резултатите од првиот Јавен повик за иновациски ваучери, со кои се поддржуваат проекти наменети за развој на нови производи и услуги, со повисока додадена вредност.

„Ова е прво системско решение со кое се институционализира оваа директна соработка. Она што е важно е дека средствата од државата одат директно кај универзитетите, а компаниите се корисници на нивната услуга. Со вакви таргетирани мерки сакаме да ја поттикнеме научно-истражувачката дејност и директно да ја вклучиме академската заедница во економското зајакнување на државата“ рече Деспотовски.

Во периодот од 1 до 14 октомври годинава кога и беше отворен повикот пристигнаа 77 апликации, од кои 16 беа неподобни или непотполни. За доделувањата на средствата за првпат беше воведен принципот “прв дојден – прв услужен“, односно според редоследот на поднесувањето на комплетни апликации.

Вкупниот износ на средства во јавниот повик изнесува 15 милиони денари и тие им се доделуваат на факултетите и истражувачките центри. Со иновациските ваучери се покриваат до 80 отсто од вкупните трошоци на научно-истражувачките услуги, во максимален износ од 500.000 денари. Останатиот дел од 20 проценти е учество на компанијата, корисник на услугите од факултетите. Рокот за реализација на средствата од ваучерите ќе изнесува шест месеци.

Средствата ќе се користат за развој на нови и подобрување на постоечки производи, процеси или услуги; техничка спецификација, производство на лабораториски прототипови, изработка на демонстрациони прототипови, различни видови на испитувања, валидација на технологија, советодавни услуги во врска со иновациска дејност, развој и воведување на посебен софтвер за производ или процес, како и за специфични обуки во врска со развојот на технолошки решенија.

Меѓу другото, компаниите и универзитетите ќе работат на развој на систем за далечинско сензорирање на рударски комплекси со помош на безпилотни летала, развој на модел на вентилаторски ротор за проток на воздух, валоризација на отпаден пластичен материјал за добивање на рециклирачки профили за вградување во водени пумпи за наводнување.

Според анализата, 68 проценти се проекти на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, 26 проценти од Универзитетот Гоце Делчев од Штип и 6 проценти од Универзитетот Свети Климент Охридски од Битола. Компаниите со кои ќе соработуваат се претежно стартап компании 71 отсто, и тоа микро (16) и мали (15) претпријатија, и средни (3). 21 од нив се нови корисници, додека 13 веќе користат средства преку другите инструменти на ФИТР. Според проектите, има застапеност на голем број на индустрии, а преовладуваат технолошката индустрија, информатички технологии, градежната индустрија, електроника, енергетика и енергетски ресурси.

Деканот на Машинскиот факултет во Скопје, проф. д-р Дарко Данев, кој воедно и беше домаќин на настанот изрази благодарност до државата и Фондот што ја препозна академската заедница како сериозна алка во ланецот на развој на државата и обезбедија конкретна финансиска поддршка.

„Ова само по себе е доказ дека академијата и е потребна на индустријата за да и даде поддршка, но таа поврзаност е взаемна, и на нам ни е потребна индустријата. Оваа врска е нераскинлива и секогаш мора да се негува доколку сакаме прогрес и напредок. Сакам да ги охрабрам колегите од сите факултети да се вклучат во соработката со индустријата затоа што само на тој начин она што го правиме ние ќе стаса до компаниите, а она што сме го направиле ќе биде пример за студентите“ истакна Данев.

Во следниот период ќе се реализира нов јавен повик за Иновациски ваучери, а во подготовка е и нов инструмент на ФИТР за поддршка на истражување и развој.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израел возврати со напад врз Иран, Иран не планира да одговори

Израел утрово лансираше воздушен напад во близина на иранскиот град Исфахан, велат американски извори за Си-би-ес, а пренесува Би-би-си. Нападот доаѓа шест дена по нападот на Иран во Израел, кога...