По две поништени постапки за набавка на 150 електрични автобуси, компаниите унгарскиот „Икарус“ и кинескиот „Зонгтонг“, од конкуренти на тендер, одеднаш станаа партнери, открива Центарот за граѓански комуникации во истражувањето „Јавен надзор над јавните набавки: Студии на случај“, кое ги опфаќа и изградбата на спортската сала „Џексон“ во Штип и за фудбалското игралиште во Чегране.
Според анализата, тендерот за набавка на електрични автобуси е спроведуван трипати во период од 15 месеци, а со секое повторување, учесниците стануваа познати, како и нивните цени и понуди, со што се намалуваше неизвесноста и се зголемуваше ризикот од координација меѓу понудувачите.
Унгарскиот „Икарус Електрик Зрт“ и кинескиот „Зонгтонг Бас Холдинг“ во вториот тендер настапуваа како конкуренти, за во третиот да достават заедничка понуда, која беше избрана за најповолна. Во победничкиот тим како подизведувач се јавува и ЕВН Македонија, за набавка на станиците за полнење кои ќе ги произведува „Сангроу Дојчланд“, подружница на кинеската Сангоѕ Пауер Суплај.
„Победничката понуда не беше најниска и беше избрана откако две поевтини понуди беа отфрлени. Вредноста на набавката е 60 милиони евра, од кои 57 милиони за автобусите и 3 милиони за станиците за полнење. Идните автобуси ќе имаат значително помал капацитет од сегашните на ЈСП. Новите автобуси ќе собираат вкупно 66 патници, што е за 20 места помалку од последно купените автобуси од Град Скопје и дури за 30 од автобусите донирани од ЕУ“, посочува анализата.
Според Центарот за граѓански комуникации, Министерството за транспорт не ги објави побараните документи, вклучително и анализата врз основа на која е подготвена и менувана тендерската документација.
Комбинацијата од повторување на тендерот, промени во условите, променлив состав на понудувачите и недостигот на образложение за правените промени во описот на автобусите и полначите создава зголемен ризик од фаворизирање и ограничување на конкуренцијата, што ги доведува во прашање начелата на конкуренција, еднаков третман и транспарентност од членот 3 од Законот за јавните набавки.
