Фирма копала песок од Пчиња со дозвола добиена спротивно на закон и според стар правилник

Фото: Министерство за животна средина и просторно планирање

Фирмата „Еуро Прогрес“ добила дозвола за копање песок од реката Пчиња, спротивно на законот за води и според правилник кој не постои. Државниот инспекторат за животна средина во контрола на терен утврдил дека фирмата копа песок и чакал во селото Долно Коњаре во општина Петровец, во дел од реката кој не смее да биде експлоатиран, но дека за тоа поседува документација издадена спротивно на закони и правилници. Инспекторатот ја продолжува истрагата за случајот, а на Министерството за економија му е препорачано да и предложи на Владата да го раскине договорот за концесија, а од Државната техничка инспекција ќе се побара да наложи прекин на работите на конкретната локација.

Фото: Министерство за животна средина

Во посета на ископот во село Коњари денеска беа  вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, заедно со министерот за животна средина, Насер Нуредини и директорката на Државниот Инспекторат за животна средина планирање, Ана Петровска.

Според информациите кои инспекторите ги добиле од Управата за хидрометеоролошки работи, од каде било побарано да се изврши проверка на усогласеноста со одредбата од Договорот за концесија со која се забранува експлоатацијата на минерална суровина да се врши во крајбрежниот појас во широчина од 50 метри зад линијата на допирање на педесетгодишната вода, било констатирано дека положбата на котата на педесетгодиишните води навлегува длабоко во концесиското поле, од што може да се заклучи дека концесијата е издадена спротивно на Законот за води, односно дека границите на концесијата се во зоната на плавење на реката Пчиња.

Фирмата поседува договори за концесија за експлоатација на минерална суровина, песок и чакал, издадени во 2010, односно 2014 година и дозволи за експлоатација издадени во 2011 и 2019 година. Спорна, според инспекторите, е последната дозвола, за која било откриено дека е направена според правилник што не постои.

„Оваа дозвола е издадена врз основа на елаборат за заштита на животната средина одобрен со решение од 2010 година, кој е изработен согласно правилник од 2009 година и покрај тоа што во 2014 година е донесен нов правилник. Управата за животна средина, по барање на Инспекторатот, потврди дека за постапки за доделување одобренија и дозволи после 2014 година се применува новиот правилник од 2014 година. Очигледно е направен пропуст во постапката, имајќи предвид дека дозволата за експлоатација е издадена во 2019 година, а елаборатот на кој се повикува оваа дозвола е од 2010 година, односно не го применува важечкиот нов правилник“, информираат од Инспекторатот.

Како што информира директорката Петровска, институцијата ќе продолжи со собирање докази за да се преиспитаат договорот за концесија и дозволите за експлоатација. Во меѓувреме, ќе бидат известени Министерствата за економија и за животна средина за индициите околу прекршувањето на Законот за води. Со оглед на тоа дека елаборатот за заштита на животната средина за блокот Б од концесиското поле не е усогласен со важечкиот правилник и не содржи програма за заштита на животната средина со конкретни мерки, Инспекторатот ќе побара да се изработи нов елаборат, а дотогаш да се забрани експлоатацијата на таа локација.

Вицепремиерот Николовски посочи дека се во постојна комуникација и координација со другите институции, со цел детално да се истражи случајот и да се постапи согласно законите и правилниците.

„Законите мора да се почитуваат, никој не е над законот, мора да има ред и дисциплина, особено кога се работи за нешто што влијае врз загрозување животната средина и крајно врз безбедноста и здравјето на граѓаните. Нема компромис за секој оној којшто ќе влијае врз загрозување на животната средина и на условите за живот“, посочи Николовски.

Министерот за животна средина Нуредини, истакна дека Министерството му дава целосна поддршка на Државниот инспекторат и согласно наодите од извршените координирани инспекциски контроли чие комплетирање се очекува, заедно со Владата ќе бидат преземени потребните мерки за разрешување на случајот.

„Работиме заедно со Државниот инспекторат за животна средина на начините со кои ќе можеме соодветно да ја провериме и адресираме состојбата со водите на лице место преку инспекторите за животна средина, а соработуваме и со Техничката инспекција, која е надлежно тело за овие концесии. Оваа координирана активност помеѓу Министерствата и Инспекторатите, како и релевантните стручни лица и управи, е добар пример како треба да се работи на сите прашања во земјата, доколку сакаме да се имплементираат потребните еколошки стандарди“, изјави Нуредини.