Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Лидија Димова во својство на директор на Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност, З.З. – сопственик и управител на Друштвото за трговија и услуги увоз-извоз В.Е.З. Трејд ДООЕЛ Скопје, А.Г. – надворешен соработник во Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност и А.П. – благајник во Националната Агенција за европски образовни програми и мобилност.
Кривичната пријава против четворицата е поднесена поради постоење на основано сомнение дека тие сториле кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353, став 5 вв 1 и став 3 вв со член 45 од Кривичниот законик и кривично дело „Измама на штета на средства на европската заедница“ од член 249-а став 1 вв со член 22 од Кривичниот законик, кривично дело „Соизвршителство“ од член 22 од Кривичен законик, и кривично дело „Несовесно работење во служба“ од член 353-в став 1 од Кривичниот законик.
Пријавените Л. Д. како директор на НАЕОПМ, З. З како управител и сопственик на Друштво за трговија и услуги увоз-извоз В.Е.З. Трејд ДООЕЛ Скопје, А. Г. како надворешен соработник и А. П. како благајник на НАЕОПМ причиниле штета од големи размери на доверените средства на Европската заедница во вкупен износ од 25.334.543,00 денари, информираат од Управата за финансиска полиција.