Филмот често е и своевиден социјален дијаграм на општеството во кое се создава, со пуста желба и да го пресоздава со својот ангажман. Успева ли во тоа? Ќе се обидеме да одговориме низ освртот на неколку наслови видени на 66. Филмски фетсивал во Солун.
Интернационалниот филмски фестивал во Солун го приврши 66-то издание во неделата со традиционалното доделување на наградите и проекцијата на жанровски необичната приказна за една одбегната кокошка како алегорија на човечка трагедија насловена „Кокошка“ („Hen“) на инвентивниот унгарски режисер Ѓерѓ Палфи. Унгарско-грчко-германскиот копродукциски проект снимен во Грција, со локален креативен и актерски тим, проговори за мајчинството на апсурден, но во овој случај како единствено можен начин – низ нежност и компромиси.
На 66. Солунски филмски фестивал три филма од натпреварувачките сеелкции беа наградени со главното одличје, „Златниот Александар“. Наградата „Златен Александар – Тео Ангелопулос“ ја освои „Памучна кралица“ од Сузана Миргани, „Златен Александар – Мишел Димопулос“ од селекцијата „Запознајте ги соседите+“ му беше доделена на филмот „Последниот за патот“ на Франческо Сосаи, додека наградата „Златен Александар“ во селекцијата „Филм Форвард“ му беше доделена на „1001 кадар“ од Мернуш Алија. Фестивалот низ програмите, но и одлуките на жири-комисиите (меѓу нив и на филмската критика и на фестивалските спонзори) одвои внимание за многу млади автори кои ветуваат и кои ќе ја обликуваат иднината на светскиот филм (сите наградени филмови и образложенијата можете да ги прочитате овде).
Во секој случај, со 92 илјади посетители на 337 филмски проекции за време на 11-те фестивалски денови, Солунскиот фестивал уште еднаш покажува дека е меѓу водечките во регионот.
Малограѓанскиот порив за барање виновници
Меѓу наградените филмови се најде и долгометражниот игран филм „Ритам на животот“ на грчката режисерка и косценаристка Америса Баста, копродукција на неколку земји, меѓу кои и С. Македонија. Дејан Крајчевски од „Круг филм“ е копродуцентот на филмот што освои три награди –
две од публиката во категориите „Грчки филм“ и „Запознајте ги соседите“, како и наградата „Crew United“. „Ритам на животот“ ја раскажува приказната за млада девојка од Атина која се бори за животната егзистенција работејќи во супермаркет. Неволјите никогаш не одат сами, па секојдневниот социјален „крпен живот“ ќе ѝ донесат два огромни предизвици истовремено – отказ од работа и сознание дека е бремена.
Впрочем, филмот често е и своевиден социјален дијаграм на општеството во кое се создава, со пуста желба и да го пресоздава со својот ангажман. Успева ли во тоа? Ќе се обидеме да одговориме низ освртот на неколку наслови видени на 66. Филмски фетсивал во Солун. Бугарскиот режисер Стефан Командарев, како и во претходните негови филмови („Светот е голем, а спасението демне отсекаде“, „Насоките“, „Лекцијата на Блага“) е докажано одличен познавач и
на филмот и на човечката душа. Во најновиот филм „Made in EU“ Командарев низ сторијата за жртвите на ковид пандемијата во Бугарија минуциозно го слика малограѓанскиот порив за пронаоѓање на виновникот таму каде што не е. Ковидот во неговата приказна е само повод да се наслика социјалната драма во која жртвите на бескрупулозниот профит на капиталот се обидуваат да се утешат со нивната беда, обвинувајќи една текстилна работничка дека таа ја донела болеста во нивната фабрика. Но, работничката и нејзиниот син, единствено со помошта од разумниот искусен доктор, се борат да не бидат жртви на хистеријата на општеството кое ќе се задоволи со тоа што ќе впери прстот во нив преку медиумите. Како? Па, токму преку тие исти медиуми ќе ја пласираат сировата вистина, како шлаканица на дехуманизираното општество, од кое сакаат да побегнат, што е добро позната балканска приказна.

Таа балканска приказна ја видовме и во филмот „Господ нема да помогне“ на хрватската режисерка Хана Јушиќ. Во зафрлениот крај некаде во Хрватска на почетокот од минатиот век, во кој егзистираат само неколку семејства што се знаимаваат со сточарство, пристигнува Чилеанката Тереза која тврди дека е сопруга на Марко, еден од овчарите кој пред неколку години емигрирал во Јужна Америка во потрага по богатство, но загинал. Таа збори само шпански јазик, домаќините нормално не, но се расплетува приказната за една друга потрага – по човечкото во себе. Супериорно визуелизираната вивисекција на средбата на два света кои воопшто не се познаваат меѓусебно, полна со стереотипи и ксенофобија, прозвучува толку актуелно во денешниот свет, кој наводно комуникациски е поврзан до немајкаде.
За очи и душа
Од друга страна, пак, има автори кои низ суптилната визуелизација ги искажуваат најскриените нијанси на човековото битисување. Една од нив е унгарската авторка со интернационална кариера Илдико Енједи, со право миленичка на арт-киното и филмските фестивали ширум светот. Нејзиниот шаренолик тематски опус, во кој спаѓа ремек-делото „За тело и душа“, овојпат е надополнет со „Тивкиот пријател“ („Silent friend“). Новиот филм на Енједи раскажува сторија за древното гинко дрво од една ботаничка градина во Германија и опфаќа три различни временски периоди. Дрвото како симбол на вечноста виден низ перспективата на тишината кај Енједи ги допира суштинските релации меѓу човекот и природата. Како што кажува и насловот, Енједи низ тишината создава беспрекорна визуелна нарација за очи и душа, со едноставна, а истовремено длабока филозофска нишка за минливоста на човековиот живот. Токму како во филмот, животот е само како лист на древното дрво.

Филмот „Белиот полжав“ на авторскиот двоец од Австрија, Елза Кремсер и Левин Петер, е сместен во тивката и по малку зачмаена средина на Минск, Белорусија, кадешто двајца млади луѓе ги вкрстуваат животните патишта. Тинејџерката Маша посетува студио за фото-модели и сонува за
кариера во светот, а Миша медицински техничар кој работи во мртовечница. Гламурот во најава од светот на Маша ќе се судри со сирово натуралистички прикажаниот микрокосмос на Миша.
Колку што Маша е необјасниво привлечена од анатомското сецирање на лешевите, толку Миша се обидува грозотиите од неговата професија да ги претвори уметност, сликајќи инспириран од мртовците во неговиот секојдневен живот. Со извесна метафорична димензија за портретирање на безнадежноста кај младите во едно затворено општество, „Белиот полжав“ остава трага – како и вистинските полжави – на толку потребната емоционална искреност.
Врти-сучи, таа искреност е останува како единствената надеж, и на филмот, и на општетсвото…
Пишува: Стојан Синадинов (од Солун)
