Со близу 280 долгометражни и краткометражни филмски наслови распоредени во дури 24 селекции и специјални програми, кои се прикажуваат во 7 киносали, како и осумдесетина филмови достапни на онлајн платформата, Солунскиот интернационален филмски фестивал (Thessaloniki International Film Festival/TIFF) од 30 октомври до 9 ноември го реализира 66-тото издание со полна пареа. Секако, низ 11-те денови проблеснува и фестивалскиот сјај кој само кинематографијата може да ѝ го пружи на публиката низ гостувањето на стотина автори и актери.
Фестивалот го отвори годинешното издание со најновото остварување на амблематскиот независен филмски автор Џим Џармуш, миленик (и) на фестивалската публика во Солун, кадешто често пати гостувал. „Татко, мајка, сестра, брат“ веќе триумфираше на неодамна одржаниот фестивал во Венеција, има добри изгледи во трката за „Оскарите“, а на проекцијата присуствуваа главната актерка Индија Мур и кинематограферот Фредерик Елмес, постојан соработник на Џармуш. И во „Татко, мајка, сестра, брат“ ќе го препознаете оној толку допадлив авторски ракопис на Џармуш, непретенциозен а моќен, со суптилен но ненавредлив, препознатив хумор низ кој ја плете приказната за семејните односи.

„Тешките“ улоги на Изабел Ипер
Фестивалот и годинава продолжува со тн. кураторски принцип на програмирање што изминативе години го етаблираа директорката Елис Жаладо и уметничкиот директор Орестис Андреадакис, а секако чествува низа имиња кои го одбележале грчкиот, европскиот и светскиот филм.
Француската актерска дива Изабел Ипер го стави печатот на првиот дел од годинешното издание, добивајќи ја почесната наградата „Златен Александар“. Во нејзина чест, ТИФФ прикажува 15 наслови од нејзината пребогата кариера, во која досега има снимено над 160 улоги, за кои доби над 120 награди, меѓу кои и една номинација за „Оскар“, а е и актерка со најмногу номинации за националната француска награда „Цезар“.
Кога би ги набројале само најзначајните режисери, актери и филмски автори на разни креативни позиции во филмот со кои соработувала Ипер – од Мајкл Чимино во „Вратата на рајот“ од 1980 г., преку „Учителка по пијано“ на Михаил Ханеке од 2001 г, (снимен според романот на нобеловката Елфриде Јелинек), до актуелните наслови – тогаш би добиле еден поприлично дебел тефтер, кој слободно може да се нарече филмски глосар на најдоброто во европската и светската кинематографија. Во тој глосар е запишано и името на нејзината ќерка Лолита Шама, која глуми покрај неа во „Копакабана“ (2010) на Марк Фитуси. Ипер го опиша филмот како „комедија со остри рабови, која ја нарушува рамнотежата помеѓу односот мајка-ќерка, додека нуди проницлив коментар за дисконекцијата меѓу генерациите на сосема неочекуван начин“.
На фестивалската прес-конференција Ипер на прашањето на водителот како се одлучува да преземе одговорност за комлексни, „тешки“ улоги, рече дека таа не ги гледа така, туку како ликови што имаат сложени и контроверзни аспекти.
„Некогаш, можеби, имаше јасни разлики помеѓу доброто и злото, но сега овие граници почнаа да се заматуваат, станувајќи речиси неразделни“, посочи Изабел Ипер.
Почесната фестивалска гостинка одржа и инспиративен мастерклас насловен „Од сцена до екран“. Говорејќи за начинот според кој работи, таа рече дека не ги прочитала книгите на рускиот театарски режисер и педагог Константин Станиславски од почетокот на 20-ти век, но неговите сознанија за актерскиот метод ѝ се особено интересни.
„Не можам да кажам дека следам одредена методологија. Можеби наследив една, без да донесам свесна одлука. Сакам да мислам дека не портретирам лик, туку ситуација. Отелотворувам чувства. И сето ова можеби е вкоренето во современиот стил на глума, кој е во контраст со постариот модел фокусиран на ликовите. Филмот еволуира. Во минатото, ликовите беа поделени на добро и зло. Денес, границите меѓу нив не се толку јасни“, вели Ипер.
Меѓу избраните филмови кои ја отсликуваат една од најреферентните актерски кариери во светската кинематографија во овој извештај ќе го нотираме „Најбогатата жена во светот“ во режија на Тјери Клифа, за кој Ипер рече дека е најнов само кога станува збор за прикажување и дистрибуција, бидејќи има снимено уште три филма кои допрва ќе бидат претставени пред светската публика. Сторијата на „Најбогатата жена во светот“ ја следи политичко-финансиската афера од 2010 г. во која биле вплеткана моќната претприемничка во козметичката индустрија Лилиан Бетанкур, со нелегалните исплаќања во милионски суми, наводно во филантропски цели.
Овој филм покажува дека Ипер буквално би можела да направи актерска креација и од сувопарен телефонски именик!

Селекции и награди
Фестивалски почести добија и филмскиот композитор Тан Дун, овенчан со „Оскар“ за „Клекнат тигар, скриен змеј“ на Анг Ли (2001 г.), како и филмските автори Јоргос Цемперопулос и Сотирис Контизас за нивниот придонес во грчката кинематографија.
Кога станува збор за трите натпреварувачки програми, во нив се селектирани по 12 наслови. Во Интернационалната селекција се натпреваруваат први, втори и трети филмови на авторите, а наградите Златен и Сребрен Александар вредат 10.000 односно 5.000 евра. Истите парични награди се наменети и за филмовите во програмата „Запознај ги соседите“, која селектира наслови од земји на Југоисточна Европа, Медитеранот и Блискиот Исток, додека, пак, во селекцијата „Филм форвард“, која вклучува експриментални филмови, наградите изнесуваат 8.000 односно 4.000 евра.
Македонската кинематографија на годинешното издание на ТИФФ е застапена со новиот филм на Теона Стругар Митевска, „Мајка“, во програмата „Отворени хоризонти“, како и „Ритам на животот“ во режија на Америса Баста. Дебитантскиот долгометражен филм на режисерката Баста ќе се натпреварува во официјалната конкуренција на програмата „Запознајте ги соседите“. „Ритам на животот“ е копродукција на шест земји – Македонија е застапена преку продуцентот „Круг филм“ – а филмот низ поетичен визуелен пристап зборува за предизвиците со кои се соочува една млада жена во современото општество. Филмот е рефлексија на повеќекратните улоги што една жена е повикана да ги извршува, додека настојува да остане верна на сопствените соништа, најави продуцентот.
Селекцијата „Проширен преглед“, продолжение на популарната програма „ Балкански преглед“ која егзистираше до пред две години, опфаќа филмови од поширокиот регион. Преку годинешната тематска определба насловена „Кршливости“ претставува 11 филмови кои ги опсервираат проблемите за политичката моќ, војните, бегалците, авторитарните режими, цензурата…
Фестивалот ќе биде затворен со најновиот филм на унгарскиот режисер Ѓерѓ Палфи, „ХЕН“, на 9-ти ноември, кога се доделуваат и наградите.
Пишува: Стојан Синадинов (од Солун)
