Фестивалот на европскиот филм во Лече годинава понуди повеќе од двесте играни документарни и кратки филмови, со мошне широк спектар на теми и авторски стилови. Десетте филмови од официјалната програма кои се натпреваруваа за наградата „Златна маслинка – Кристина Солдано“ главно беа фокусирани на семејните драми, емоционалните врски и индивидуалните преиспитувања.
Кога ќе се каже дека некој живот е поголем од роман или филм, се мисли дека е исполнет со многу непредвидливи и необични настани и личности, среќни или трагични. Во секој случај, баш онака богато исполнет, до крај, па и да претекува…
Кога, пак, ќе се каже дека некој филм е поголем од животот, е тогаш пред вас имате дело од подвижни слики кое не смеете да пропуштите да го гледате, или задолжително визуелно четиво. Иако малку звучи кака оксиморон, токму подвижните слики кои го имаат „она нешто“, присутно а неискажливо со зборови, слика која вреди илјада зборови, се бисерот по кој трагаат и филмските творци, а по нив, секако, и гледачите.

Ово малку „искривен“ и „драматичен“ вовед се обидува да ја отвори приказната за 26. Фестивал на европскиот филм во Лече, Италија (15-22 ноември). Фестивал кој како и други негови манифестациски сродници е во потрага по некој нов филмски бисер. Лече, градско средиште на регионот Апулија на југот на Италија, односно на тн. „штикла“ на полуостровот кој сликовите се наредува „италијанска чизма“, е познат по барокната архитектура и скулптури во стариот дел од градот.

А токму барокот по дефиниција е „искривено“, но и мошне динамично гледање на уметноста од 17 и 18 век. Старото градско јадро на Лече изгледа како временска капсула на италијанскиот барок, помалку присутен во јужниот дел на оваа земја, за разлика од Рим и северните градови. И веројатно дури откога ќе побарате информации за овој град на интернет, ќе дознаете дека Лече е збратимен град со Скопје! Убаво чувство за прва посета на Лече и неговиот фестивал на европски филм.
Сместен на дваесеттина километри од бреговите на Јадранското и Јонското Море, половина час возење од аеродромот во Бриндизи, односно два часа од аеродромот во Бари, Лече повеќе од четврт век е домаќин на фестивал кој со антузијазам го водатвљубеници во филмот, браќата Алберто и Луиџи Ла Моника. Фестивалот се одржува во мултинаменската сала „Масимо“, сместена токму на улицата кадешто завршуваат ѕидините на тврдината на Карло V – владеел со Светото Римско Царство кое во средината на 16. век се простирало од Германија до Италија, а ги вклучувало и Шпанија, Австрија и други земји – и којашто претставува граница меѓу стариот и новиот дел на градот. Одлична локација, баш како на филм, за средба на стариот барок и новите тенденции во европската кинематографија.
Фестивалот на европскиот филм во Лече годинава понуди повеќе од двесте играни документарни и кратки филмови, со мошне широк спектар на теми и авторски стилови. Десетте филмови од официјалната програма кои се натпреваруваа за наградата „Златна маслинка – Кристина Солдано“ главно беа фокусирани на семејните драми, емоционалните врски и индивидуалните преиспитувања.

Во нив доминираа теми за растењето и емоционалното созревање, комплицирани семејни односи, педофилија, силување, феминизам, родителство, мајчинство, смрт, копнеж по слобода… сместени во различни социјални и природни пејзажи. Инвентивните, но истовремено зрели пристапи на авторите создадоа исклучително изедначена конкуренција, во која секој избор истовремено е правилен и погрешен. Сепак, еве неколку наслови кои го обележаа фестивалот. Добитникот на наградата ФИПРЕСЦИ (Интернационална федерација на филмските критичари) е филмот „Љубовта што останува“ (Ástin sem eftir er, 2025) на Хлинур Палмасон од Исланд, горчливо-сладок семеен карусел на брачните односи кои се менуваат како годишните времиња.
Во тој емоционален вртлог се преиспитуваат меѓусебните односи и сентименталните спомени, како контрапункт на дивата природа која на платното и(ли) екранот остава без здив. Палмасон го интегрира авторството на сценариото, камерата и режијата во специфичен „кино-око“ формат низ кој гледачот ја следи приказната со динамичен ритам и разновидни ликови полни со живот, какви и да се тие.
Палмасон ја доби и фестивалската награда за најдобра кинематографија.
Фестивалскиот победник „Бели полжави“ (2025) од Елса Кремзер и Левин Питер од Австрија нè однесе на средбата на еросот и танатосот во натуралистички стил. Сторијата ги следи младата манекенка со сон за светска кариера на модните писти и апатичниот техничар од ноќната смена во мртовечницата, чие морничаво секојдневие е исполнето со сецирање на деформирани трупови.
Тие крајности се рамката на автороскиот приказ на задушената слобода на поединецот: приказната на филмот во австриско-германската копродукција е сместена во Минск, Белорусија, се говори главно на руски и белоруски јазик, и претставува метафора за затворенотоопштество.
Добитникот на специјалната награда на фестивалското жири, „Ученикот“ (De Pupil, 2025) на Карин Јунгер од Холандија, ни покажа дека дури и кога во приказната имаме хармонично семејство кое живее нормален живот, натрапник во него е неизбежен. Кај Јунгер го следиме влегувањето на ученикот, кој е и фудбалски талент, во стапицата на тренерот-педофил. Неговиот тивок и морничав ужас е нагласен со контрастот на спортот како мачо активност, наспроти вкоренетото мислење за феминизираните геј личности.
Сторијата има одлично темпо во документарна стилизација – почетоците на авторката се врзани за документарните филмови – па затоа „Ученикот“ се доживува како визуелно сведоштво во еден здив.
„Што знае Мариел“ (Was Marielle weiß, 2025) од Фредерик Хамбалек од Германија, снимен според негово сопствено сценарио, има можеби најоригинален (или најоткачен) вовед во приказната, па фестивалското жири во него препозна и автор на најдобро сценарио. Едно навидум хармоничен брачен пар е ставне пред сериозни емоционални искушенија кога нивната ќерка-тинејџерка, по шлаканицата добиена во тепачката со соученичката, добива моќ да слуша и да гледа сè што нејзините родители велат и прават. Малите, но не толку наивни тајни и недостатоци во односите на нејзините родители стануваат голем проблем: тие ќе мора да изберат меѓу лажниот морал и вистината.
На крајот од овој осврт вреди да се спомене и францускиот филм „Од љубов“ (Les Enfants vont bien, 2025) на Натан Амброзиони, сторија за тоа што се случува кога на една жена која го избрала осаменичкиот живот, сепак добива „ново“ семејство. Главниот лик Жана има неочекувана посета од нејзината сестра Сузан со нејзините две деца. Следното утро, Сузан исчезнува – податокот дека годишно во Франција десетици илјади луѓе самоиницијативно исчезнуваат звучи фрапантно – оставајќи ги децата на грижа на Жана, која има пропаднат брак зад себе токму затоа што не сакала да има деца, преферирајќи ја емотивната врска со својата пријателка.
Во приказната на Амброзиони, снимена според неговото сценарио, Жана е фрлена во емотивен ролеркостер, па мора да се справи со почетниот шок најдобро што може, заради своите беспомошни внуци, а од друга страна сè уште ја демнат лошите искуства со таткото во детството. Во секој случај, слоевита и мошне гледлива мелодрама во модерен стил, која непретенциозно ги третира мајчинството, родителството, сексуалната ориентација и дисфункционалното семејство.
26. Фестивал на европскиот филм во Лече ја спушти завесата на годинешното издание, а овој текст беше обид да ѕирнеме зад неа. И имаше што да се види…

Пишува: Стојан Синадинов
