Петтото издание на Фестивалот на балканскиот и на медитеранскиот филм „Преку езерото“, во склад со мини-јубилејното издание, се одржува од 8 до 15 јули. Со шест долгометражни играни филмови во официјалната конкуренција, потоа селекција од 16 краткометражни филмови (10 домашни и 6 странски) и 13 студентски од трите факултети за филмска ументност во земјава, фокус на современата иранска кинематографија со 4 наслови и пропратен панел за предизвиките на иранските автори во земјата и странство, како и работилница посветена на употребата на вештачката интелигенција во филмот и низа други настани, тимот на „Преку езерото“ предводен од директорот, филмскиот режисер Јани Бојаџи, и селекторот, филмскиот критичар Златко Гелески, ја „проширува“ фестивалската територија од матичниот Дојран и проекциите под отворено небо во неговиот амфитеатар и во Струмица и Гевгелија.
Годинешниот лауреат на наградата „Мето Јовановски“ за придонес во филмот е Тони Наумовски, актер во бројни филмски, телевизиски и театарски проекти, и со професионални адреси во Сиднеј, Њујорк и Македонија. Во чест на лауреатот беа прикажани филмовите „Лена и Владимир“ (минатата година овој наслов доби 14 награди за актерско достигнување и уште новинации на повеќе од 80 фестивали во светот) и „Мојот Њујорк“, а легендарниот актер по кој наградата го носи името, Мето Јовановски, беше чествуван со проекција на последниот филм во кој настапил, „Павилјон“ на Дино Мустафиќ. Документарниот филм „Кодот на Преспа“ на Никола Поповски и три етнолошки филмови се дел од богатата офф-програма на фестивалот.

Натпреварувачката селекција на фестивалот е составена од филмот „Држи се за мене“ на Мирсини Аристиду од Кипар, кој го отвори фестивалот, потоа „Коцкарот“ на Мохсен Бахари (Иран) – интернационална премиера, „Кома“ на Агим Абдула (Македонија), „Месо“ на Димитер Стојановиќ (Бугарија), „Одразот во мртвиот дијамант“ на Елен Кате и Бруно Форцани, (Белгија), и „Кармадона“ на Александар Радивојевиќ (Србија).
За најдобриот меѓу нив одлучува жири во состав: Мирослав Митиќ, продуцент од Србија, Елеонора Венинова, режисерка и сценаристка од Македонија, и Емили Ришел, фестивалска програмерка од Франција.
Во првиот дел од годинешното фестивалско издание видовме филмови реализирани со различни мотиви, различни естетски и жанровски стилови, ситуирани во различни пејзажи и културолошки средини… Но, сепак може да се каже дека нив ги обединува сличен, висок интензитет на драмските ситуации низ кои се препознава она што го нарекуваме медитерански темперамент.
Во „Држи се за мене“ режисерката од Кипар, Мирсини Аристиду, низ сторијата за односот меѓу тинејџерката во емоционално бурните формативни години и таткото кој се појавува во нејзиниот живот по подолго време, создава филм за чија тема ќе кажете дека е предвидлива, но токму драмскиот интензитет кој го креираат одличните главни актери, Марија Петрова и Христос Пасалис. Иако дебитантски, филмот на Аристиду е зрело остварување кое внимателно проникнува во најситните нијанси на комплицираните семејни односи и и не запаѓа во вообичаените клишеа на „coming of age“ филмови за одраснувањето.

Драмскиот интензитет, пак, во „Коцкарот“ на иранскиот режисер Мохсен Бахари понуди високопрофилиран трилер на актуелната тема за дигиталната (контра)шпионажа во светло на воениот судир меѓу Иран од една и Израел и САД од друга страна. Но, колку и да има така концепцирана жанровска тема, „Коцкарот“ не би бил одличен филм без неговата базираност на класичниот драмски трилер во чија рамка се одвива психолошката игра меѓу трите главни лика со фино дозирано обрти – разузнавачот кој сака да го пронајде главниот крт од Централната банка што ја саботира институцијата за сметка на странците, заврбуваниот експерт за информатичка технологија и неговата свршеница, навидум наивна и вљубена жена. Емад Емами, Шабнам Горбани и Сафар Мохамади се повеќе од впечатливи во толкувањето на тој трилинг од карактери кои ги персонифицираат вербата, посветеноста, измамата, разочарувањето и можното покајување.
„Одразот во мртвиот дијамант“ на белгиските автори Елен Кате и Бруно Форцани е неверојатна мешавина на жанровски филм и поп-арт естетика во френетичен стриповски монтажен ритам. Не е тешко да се претпостави дека авторите се вљубеници во стрипот, а нивниот порив да направат филм со рефлексија на Џемс Бондовските шпионски трилери е обвиткан во постмодерна „обланда“ во која ги преиспитуваат границите на токму наведените жанровски одредби. Гостинот на фестивалот, белгискиот актер Јаник Рение, заедно со некогашната ѕвезда на италијанскиот крими-жанр Фабио Тести и Манон Бошо се главните протагонисти во овој необичен визуелен „зборник од цитати“.
„Кома“ на Агим Абдула како домашен адут во официјалната конкуренција понуди еден далеку посмирен визуелен оглед за емоционалното патување во минатото на двајцата протагонисти кои се обединуваат по долго време. Кенан (Насер Рафуна) по долг престој во странство кадешто направил кариера се враќа во родниот град заради професионално учество во еден градешен проект. Средбата со најдобриот другар од деството Африм (Џевдет Јашари) непланирано е продожена заради сообраќајката по која Африм најпрвин е прогласен за мртов, но се буди од кома со потполно изгубена меморија. Кенан останува да се грижи за физичкото и, пред се, емоционалното зацелување на неговиот пријател, со желба да му помогне во враќањето на сеќавањата, бидејќи тие сеќавања му помагаат да го прифати фактот дека и неговиот живот нема иднина заради тешката болест која ја крие од сите.
Максимата на психоаналитичарот Сигмунд Фројд дека „детето е татко на човекот“ на суптилен начин е отелотворена во „Кома“, па двајцата другари низ евоцирањето на случките и емоциите од детството полека се соочуваат со неизбежното. Реализиран со долги кадри и психолошка студија на карактери, „Кома“ кореспондира со препознатливиот минималистички стил на современата иранска кинематографија чиј ученик е режисерот Абдула.
Во овој извештај вреди да се поместат и неколку зборови за две краткометражни играни остварувања кои имаа премиерни прикажувања во дојранскиот амфитеатар. Се работи за младите автори Розе Симоновска и Меглен Анжик Трпков.
„Вошки“ на Розе Симоновска е краток филм кој „се враќа“ таму каде што роден, односно тоа е наслов поддржан од работилницата за развој и продукција на дипломски и дебитантски краток филм „Нови бранови“ на фестивалот „Преку езерото“. Реализиран со завидна визуелно-филмска писменост, „Вошки“ на непретенциозен начин раскажува приказна во која семејство само навидум е нефункционално и пред распад.
„Мртви корења“ на режисерот Анжик Трпков го користи мотивот за Силјан Штркот за да ја раскаже приказната за растргнатоста на личноста меѓу два света. Кај авторот има и личен мотив, бидејќи е роден во Македонија и детството го минал тука, а деценија и пол живее во Холандија кадешто студирал филмска уметност. Во неговиот филм тие два света, руралната Македонија и урбаната Холандија, се мешаат низ призмата на главниот лик на сомнабулен начин. Но, само на тој начин се потврдува дека светот – и животот во него – е сон…
Пишува: Стојан Синадинов
