Министерот за правда Игор Филков, говорејќи на конференција во Будимпешта, истакна дека Македонија се соочува со „низа предизвици и предуслови, чие исполнување е очекувано и прифатливо“. Но, како што посочи тој, се надева оти земјата ќе премине во наредната фаза од преговорите со ЕУ и ќе го отвори првиот кластер откако „заедничките интереси ќе се издигнат над националните интереси на одредени земји-членки“.
„Доаѓам од држава и сум дел од една нација, која навистина долг период, речиси 20 години, настојува да исполни еден стремеж и аспирација за интеграција и рамноправно место во Унијата во која што припаѓа. Во трасата кон достигнувањето на нашата крајна цел, членството во Европската Унија, соочени сме со низа предизвици и предуслови, чие исполнување е очекувано и прифатливо. Меѓутоа, подигнувањето на нашата лична определба и чувство за припадност како народ и нација, на ниво на билатерална пречка за нашите натамошни европски перспективи, ќе се сложите сите дека се коси со идеите и вредностите на кои почива Европската Унија“ потенцираше Филков.
Како што соопшти Министерството за правда, ваквиот став Филков го искажа на Меѓународната конференција „Правна конкурентност-Правни инструменти за поконкурентна Европа“ во Будимпешта каде присуствува на покана на министерот за правда на Унгарија, Бенце Тузсон.
Во своето обраќање, министерот Филков се осврнал и на предизвиците и новитетите кои ги носи дигиталната ера, како и реформите во правосудството. Министерот се осврнал и на прашањето за дерегулација при што укажал дека во правото таа се постигнува исклучиво преку примената на квалитетната правна рамка, како главна задача на судовите, односно судиите.
„Квалитетот на правната рамка треба да обезбеди јасност, да поттикнува иновации и поддржува долгорочен раст. Како што се соочуваме со нови предизвици—независно дали се предизвикани од технолошките промени или од одредени влијанија врз екологијата, нашата правна рамка мора да се прилагоди на овие промени, без да ги загрози основните вредности како правдата, човековите права и слободите. Процесот на дерегулација ги обврзува системите, сепак да утврдат минимум заеднички правила, по кои ќе се овозможи заедничката соработка, што ќе доведе до зајакнати економии преку заштита на конкуренцијата“, вели Филков.