Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, денес изјави дека до крајот на 2025 година според статистичките бројки во буџетот ќе недостигаат 1,4 милијарди евра.
На прес-конференција Филипче предупреди дека речиси сите податоци укажуваат на алармантна состојба во државата.
„Во последниве 14 месеци, државата се задолжи за над 1,86 милијарди евра – една милијарда од Унгарија, 836 милиони преку аукции на домашни хартии од вредност. Во најава се нови 950 милиони евра надворешно задолжување и 70 милиони од домашни банки. Светската банка веќе проектира дека јавниот долг ќе достигне 62,9 отсто од БДП, што не прави најзадолжена земја на Западен Балкан,“ изјави Филипче.
Според него, Владата манипулира со официјалните бројки, тврдејќи дека долгот е 61,7 отсто, и предупреди на дополнителен „скриен долг“ од приближно 700 милиони евра, кој се однесува на доспеани, но неплатени обврски, што ја загрозува ликвидноста на домашните компании.
Тој потенцира дека граѓаните во Македонија имаат најскап живот од сите држави во регионот.
„Не можеме да ја игнорираме инфлацијата. Владата се фали со –0,2 отсто месечна инфлација, користејќи споредби месец на месец, кои звучат убаво, но немаат никакво значење за потрошувачката кошница, за семејниот буџет, за плановите на бизнисите. Реалната годишна инфлација е околу 4 отсто, и таа се чувствува секој ден, имаме најскап живот од сите држави во регионот“, рече Филипче.
