Филипче: Во „Мала Богородица“, старата болница на Систина, на државен трошок ќе се лекуваат 100 ковид пациенти

Архивска фотографија, Венко Филипче по средбата на Советот за безбедност кон крајот на октомври | Автор: Арбнора Мемети

Министерот за здравство Венко Филипче, вечерва по состанокот со сопствениците на приватните болници на „Жан Митрев“, „Систина“ и „Ремедика“, изјави дека е постигнат договор и е обезбеден дополнителен капацитет од 100 кревети за третман на ковид пациенти. Станува збор за ресурси кои што државата ќе ги користи од приватните болници, соопштија од Министерството за здравство.

„Се договоривме тоа да биде болницата „Мала Богородица“ – старата болница на Систина, каде што може да се сместат 100 пациенти. Целосно ќе бидат опремени од страна на сите приватни болници со нивни заеднички договор. Од таму ќе биде обезбеден и кадар и материјали. За сето тоа соодветен надоместок ќе плаќа државата“, потенцираше Филипче и додаде дека дополнителниот капацитет од 100 кревети ќе бидат на располагање некаде на крајот на неделата.

На одговор на новинарско прашање, Филипче рече дека целосно ќе се опреми болницата „Мала Богородица“, треба да се инсталира кислород, што ќе биде готово за неколку денови и треба да се донесе опремата.

Тој информираше и дека во нашите болници има доволен број на кревети и дека утрово имал координација со директорите на клиниките и ГОБ „8 Септември“, а во секојдневна комуникација исто така е и со директорите на клиничките и општи болници.