Министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук профил објави дека во изминативе две недели опаѓа бројот на болни лица од ковид-19 кои завршуваат во болница.

„Во изминативе две недели, и покрај благиот раст на активни случаи со ковид-19, процентот на хоспитализирани бележи пад од речиси 2 отсто, односно од 11,5 отсто на 15 јули на 9,7 отсто на 23 јули. Во континуитет, процентот на хоспитализирани од вкупниот број на активни случаи не надминува повеќе од 12 отсто“, напиша Филипче.

Министерот за здравство им порачува на граѓаните да ги почитуваат мерките и да се заштитат себеси и здравствените работници, со цел да го одржиме нашиот здравствен систем стабилен.

Според последните бројки на Министерството за здравство, вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 9.797, бројката на оздравени пациенти е 5.254, на починати е 451, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 4.092. Најголем дел од активните случаи на ковид-19 се сконцентрирани во Скопје.