fbpx

Филипче: Вакцинацијата против ковид-19 ќе почне со „Синофарм“, медицински работници и сите лица над 70 години се приоритет

-

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, информираше дека во понеделник Министерството ќе го потпише договорот со „Синофарм“, кинескиот производител на вакцини против ковид-19.

Филипче денеска го презентираше Националниот оперативен план за вакцинација, во однос на приемот, складирањето и дистрибуцијата на вакцината од кинескиот производител „Синофарм“ која во нашата земја се очекува да стигне во февруари.

Тој истакна дека вакцината „Синофарм“ се чува и дистрибуира на температура од 2 до 8 степени што го олеснува начинот на транспорт, чување и дистрибуција. Оваа вакцина ќе биде во формулација на претходно наполнет шприц, што ја олеснува и самата апликација на вакцината. За вакцината „Синофарм“, термините за вакцинација во ЈЗУ-а ќе бидат на 10 минути, по пациент.

„На дневно ниво, од вакцината на „Синофарм“ и со работа на пунктовите во полн капацитет очекувам да вакцинираме од 2.000 до 2.500 граѓани. За секој граѓанин кој ќе ја прими првата доза, веднаш ќе биде резервирана и втората што треба да ја прими по 21 ден, што значи дека од првата пратка имаме две дози за вакцина и ревакцина за 100.000 лица. Записот за спроведена вакцинација станува дел и од електронското здравствено досие на пациентот. По примерот на сите земји, вакцинираните граѓани ќе добијат соодветен сертификат за примена вакцина, но деталите за сертификатот ќе бидат дефинирани во следните денови“, рече Филипче.

Со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, први ќе се вакцинираат здравствените работници поделени по категории.

„Согласно планот први се вакцинираат сите лица од група 1а односно – Здравствени работници кои директно работат со ковид пациенти од ковид центрите и од службите за итни состојби, од клиничките болници, јавни и приватни, од посебните институциите како домовите за стари лица, домови за лица со посебни потреби. Во првата група се и матични лекари и друг здравствен персонал вработен во матичните ординации. Вработени во лаборатории за тестирање и дијагностика, јавни и приватни. Здравствените работници, кои се на вакциналните пунктови, односно тимовите ќе ја спроведуваат вакцинацијата“, објасни министерот.

Здравствените работници од клиниките ќе се вакцинираат во кругот на клинички, тимовите кои ќе ја вршат вакцинацијата ќе се вакцинираат на пунктовите каде работат, останатите здравствени работници oд Скопје ќе се вакцинираат во поликлиника „Букурешт“. Здравствените работници од другите градови ќе бидат вакцинирани во здравствените домови во градот каде живеат и работат.

Филипче додаде дека имајќи предвид што сега се обезбедува поголема количина на вакцини, можност за вакцинација добиваат сите граѓани над 70 години и тие ќе можат да се вакцинираат по завршување на вакцинацијата на првата приоритетна група здравствени работници.

„Во втората фаза, се вакцинираат: лица постари од 65 години, лица од 18 до 64 години, со коморбидитети или здравствени состојби детерминирани како значително висок ризик за стекнување на тешка болест. Здравствени работници ИЈЗ и ЦЈЗ, здравствени работници фармацевти, стоматолози и друг здравствен персонал, вработени во витални институции како полиција, војска, парламент, Влада, новинари и сл. Вработени во образовни институции и градинки со предност на оние кои одат со физичко присуство на работа. И во третата фаза се вакцинираат сите преостанати лица од повеќе групи: Вработени во други важни дејности, како прехрана, транспорт, производство на лекови, комунална хигиена и тн. Вработени во банкарски сектор, земјоделие и тн. Останати вработени во образование и во здравство со низок ризик на зараза. Лицата кои не може да одржуваат физичка дистанца (затвореници, студенти од домови, и сл). И на крајот, сите граѓани кои сакаат да примаат вакцина на возраст од 18 до 64 години“, рече Филипче.

Закажувањето на вакцинацијата ќе оди преку системот „Мој Термин“, како и преку онлајн апликација. Матичните лекари ќе добијат список од „Мој Термин“ во кој влегуваат сите пациенти над 70 години. Лекарот сите тие пациенти ќе ги контактира поединечно преку телефон, за да ги праша дали сакаат да се вакцинираат.

„Доколку лицето сака да се вакцинира, матичниот го регистрира пациентот во Мој Термин и забележува на кој вакцинален пункт сака да се вакцинира пациентот, пунктот пациентот го избира сам. Потоа, системот „Мој Термин“ ги закажува точниот датум и време за сите регистрирани пациенти, а матичниот лекар повторно телефонски ги известува своите пациенти за закажаниот термин“, рече Филипче.

Онлајн апликацијата е во подготовка, преку неа ќе може да се пријавуваат сите граѓани кои сакаат да се вакцинираат. Со ваквиот начин на пријавување се скратува првиот контакт со матичниот лекар, но терминот за вакцинација повторно е преку националниот електронски систем „Мој Термин“ и матичниот лекар.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...