Принтскрин

Во текот на утринските часови беше извршена петтата трансплантација на срце во нашата земја. Со овој чин е спасен човечки живот, а со трансплантација на бубрези, подобрен ќе биде квалитетот на живот на уште двајца други пациенти. Министерот Венко Филипче, се заблагодари на семејството на 42 годишната пациентка-донор на органи.

– Таа имаше спонтано крварење во главата и имаше мозочна смрт. Нејзиното семејство ја испочитува нејзината волја која ја искажала во текот на нејзиниот живот, а тоа е да во случај на смрт, да се донираат нејзнините органи. Токму со тој чин на човекољубие и алтруизам, беше трансплантирано срце на 66 годишен пациент. Неговото срце работеше со капацитет со помалку од 20 отсто. Ова е деноноќие кое пациентот ќе го помине на респираторна машина, а од утре ќе започне процесот на будење. Ова е фаза која е критична. Се завршија и двете други операции, трансплантација на бубрези, благодарение на што други двајца четириесетгодишни пациенти нема да одат на дијализа – изјави пред малку министерот Филипче.

Тој оцени дека сега има одлично поставен систем и дека експертите предводени од професорот д-р Сашко Јовев, заедно со консултантот од Франкфурт, кардиохирургот Петар Ристевски во тимот, самостојно е извршена оваа трансплантација, во која учествувале и повеќе кардиохирурзи и анестезиолози.

– Ова се чекори во нашиот здравствен систем кои не носат на еднакво рамниште со европските земји. Ваквите трансплантации се важни, се подигнува свеста за важноста на органодарителството – додаде Филипче.

Д-р Маја Мојсова Мијовска, националната координаторка за трансплантација кажа дека повторно се нашле исправени пред предизвик.

– Се случи петатата трансплантација на срце, како и две бубрежни трансплантации. Благодарност до семејството, поблагороден чин немаме видено. Видовме со самите дела што ги правиме, запонуваме кампања за подигање на свеста на органодарителстово и видовме дека семејствата разбираат за што зборуваме и знаат дека кога е се направено се за нивниот најблизок, дека ако се работи за мозочна смрт, знаат дека дел од нивниот близок, останува да работи во друго тело – рече Мојсова Мијовска.

Проф. д-р Сашко Јовев од Клиниката за кардиологија, оцени дека македонскиот народ повторно ја покажа својата хуманост.

– Со голема поддршка од министерот Филипче и д-р Мојсова, а со извонредната стручност и ентузајазам на тимот на Клиниката за кардиологија, направена е петтата трансплантација на срце. Операцијата помина добро, пациентот е добар и се надеваме дека така и ќе биде. Со се поголеми чекори се надеваме дека ќе одиме напред – рече Јовев.