Министерот за здравство Венко Филипче денеска упати честитки до медиумите по повод Меѓународниот ден на слободата на медиумите и благодарност за соработката во справувањето со Ковид-19, како и за напорите за сузбивање на дезинформациите за новиот корона вирус и за болеста што тој ја предизвикува.

-Од првиот ден кога, како земја, се соочивме со вирусот кој го промени животот на милиони луѓе ширум светот, бевме уверени дека само точна, навремена и транспарентна комуникација може да придонесе во сузбивање на стравот и паниката кај граѓаните и подигнување на јавната свест. Паралелно со справување со пандемијата, светот се бори и со дезинформации и лажни вести, кои во вакви услови можат да бидат поопасни и од самата пандемија. Од друга страна, точните информации и известувањето базирано на факти се лек за човештвото и единствен начин да се добијат големите битки – порача тој.

Според Филипче, медиумите и медиумските работници притоа се партнер кој рамо до рамо со институциите игра важна улога во справување со кризата и кој се покажал дека е на висина на задачата. Министерот за здравство изрази уверување дека слободата на медиумите и трнаспарентното известување се клучни за демократијата.

-Отворени институции, слобода на медиумите, фер и транспарентно известување е кодекс кој треба да го следиме во криза, но и во мирнодобски услови. Само така потврдуваме дека сме посветени на демократските вредности и дека водиме грижа за еден од основните столбови на демократијата – порача тој.