fbpx

Филипче: Скопје е најголемо жариште на ковид-19, граѓани ве молам да ги почитувате мерките

-

Барам силна поддршка од граѓаните за здравствените работници, барам разбирање и трпение за што им се откажани редовните интервенции. Очекуваме неделава бројот на примени пациенти уште повеќе да расте во споредба со бројот на испишани, но имаме план како тоа да го изменаџираме. После овој период, се очекува намалување на бројот на хоспитализирани пациенти, истакна на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Тој кажа дека се работи интензивно на реорганизација за да може соодветно да се одговори на напливот на пациенти заразени со ковид-19, чија бројка е прилично висока во последниов период.

– Денеска имаме 193 нови случаи, најмногу во Скопје – 140, а починати се девет лица. Во однос на регионот, и земјите околу нас бележат раст. По еден пик на бројот на новозаболени бележи Бугарија, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина и Србија. Во однос на состојбата на клиниките, на Инфективната клиника примени се 15 пациенти, со што вкупниот број на хоспитализирани е 95, од кои на кислородна поддршка се 43 лица. Во „8 Септември“ примени се 20 пациенти. Во Битола има 29 хоспитализирани пациенти. Инфективните одделенија се оптоварени, дел од здравствените работници се преморени после четиримесечна борба со вирусот – истакна министерот.

Целиот фокус во изминатите денови е насочен кон клиничкиот дел и менаџирањето на ресурси. Во оваа фаза, рече Филипче, здравствените власти мора да се организираат и да се мобилизираат со сите расположливи средства.

– Од вчера на ротација и помош во Скопје во „8 Септември“ пристигнаа 54 доктори и сестри, со што притисокот кој го имаше, е намален. Веќе е направен план и за следни ротации, прераспределба на кадар од сите болници и здравствени домови во земјава. На Инфективната клиника од вчера се користи и дополнителниот капацитет на монтажната болница со 72 кревети, каде сега се сместени тројца пациенти со доктори и медицински сестри. Таму има апарати за поддршка, монитори и целата друга медикаментозна терапија – информира тој.

Потсети дека досега никогаш државата не се соочила со ваква здравствена криза, но истакна дека има капацитет и план кој веќе се спроведува за да таа се надмине.

– Најголемото жариште е во Скопје. Сите други градови освен Скопје и делумно Тетово, се стабилни. Знам дека медицинскиот персонал е изморен и е на крајот на силите, но ве уверувам дека ќе направиме сè за да обезбедиме поддршка. На граѓаните им порачувам само едно нешто денес. Здравствените работници буквално не се прибрани дома, изложени се на голем ризик, на работа во смени, за да го спасат секој живот и ние ова како граѓани мораме да го почитуваме. Ве молам да се почитуваат мерките, за да можат здравствените работници да здивнат, да се ослободат од притисокот – побара Филипче.

Околу изборниот процес рече дека има уште некои дилеми на спроведувањето на гласањето на луѓе кои се во самоизолација и на луѓе кои мора да гласаат во домашни услови, а во смисла на спроведување на здравствениот протокол и дека тоа е единствената работа на која треба дополнително да се одговори.

Засега не се планира повторно воведување рестрикции, но не е исклучена и таа можност.

– Приватните болници кои ги понудија своите капацитети се „Ре-Медика“, „Жан Митрев“ и „Систина“. Во овие болници има патеки за изолација и во нив може да се третираат пациенти, со цел да се ослободи притисокот од „8 Септември“ – додде министерот.

Д-р Милена Стевановиќ, директорката на Клиниката за инфективни болести, околу третманот на пациентите со лекот „дексаметазон“, рече дека нашле сериозна корист од овој лек комбиниран со сите други антибиотски терапии.

– Го користевме и досега, заклучокот е дека во вистински момент кога сме го давале, сме имале бенефит од него. Денешните дефинирани искуства се собрани од голем број на пациенти, научно анализирани и истите се реферирани за корисни. Сигурна сум дека секоја ковид-болница, вклучително и нашата која е комплетно насочена кон третман на оваа болест, го користела лекот. Сериозно го следиме трендот и препораките кои ги добиваме од светот, бевте и сами сведоци дека имаше голем наплив на научни трудови од кои дел беа и повлечени од сериозни медицински часописи. Ги следиме новините, но и се потпираме на сопственото искуство и согледувања во успехот кај одредени пациенти – објасни Стевановиќ.

Во врска со смртноста, д-р Стевановиќ рече дека најголем дел од пациентите кои починале на Инфективната клиника, се донесени после 15 дена самолекување дома, без никаква консултација на лекар.

– Според нашите пресметки, барем 50 отсто се предоцна донесени на лекување. Исходот би бил поинаков ако тие консултирале матичен кој на време би ја следел состојбата. Но, и возраста, хроничните болести го носат цехот со себе. Сериозен е и бројот на пациенти кои не се многу возрасни и кои немаат хронични болести, но текот на болеста направил тие да завршат фатално. Болеста има непозната патофизиологија – додаде таа.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Распишан конкурс за наградата „23 Октомври“

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, распиша конкурс за доделување на државната наградата за 2024 година. „Со државната награда се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа...