Фото: Фејсбук-страница на Венко Филипче

Бојот на прегледи во амбулантите е намален и повеќе денови по ред нема притисок. Нема наплив на пациенти ниту во амбулантите што ни кажува дека ситуацијата со ковид е прилично мирна, рече утрово министерот Венко Филипче во емисијата Утрински брифинг. Тој кажа дека анализите на позитивните тестови засега не покажале дека кај нас е присутен индискиот сој на вирусот.

– Ја следиме ситуацијата и во околните земји, насекаде е мирно во регионот и во Србија и Албанија, како и во оние земји во кои наши граѓани заминуваат на одмор. Летото, доколку ситуацијата продолжи да биде ваква, не треба да се воведуваат никакви рестриктивни мерки. Но, будно ја следиме ситуацијата. Индискиот сој побрзо се шири и тие земји во кои го има веќе воведоа некаква рестрикција, но ако има потреба и ние ќе интервенираме. Немаме податоци за ширење на делта сој кај нас. На позитивните примероци се прави соодветна анализа во лабораториите на Институтот за јавно здравје или во МАНУ. И тие поединечни примероци од сега позитивните случаи не укажуваат дека имаме ширење на делта сојот – рече министерот.

Тој најави дека до крај на неделава ќе бидат вакцинирани сите граѓани што се пријавиле на вакцинација.мк.

– Бројката сметам дека треба да биде поголема. Денеска имаме состанок со директорите на здравствените домови, со цел да се зголеми опфатот на вакцинација. Околу половина милион граѓани ќе бидат вакцинирани. Салите за масовна имунизација ќе бидат отворени во цел месец јули. Наставниците имаат приоритет. Околу 70 отсто од наставници кои предаваа со физичко присуство на децата до трето одделение беа вакцинирани што е прилично висок процент, па јас очекувам дека и сега ќе биде голем опфсатот. Ќе има кампања која верувам дека ќе има силен ефект – најави Филипче.

Во врска со вакцината на Синовак кажа дека штити од тешка форма на болеста и дека е доста ефикасна. Околу најавите за пристугнување на нови вакцини, најави дека ќе стаса донација од Грција од 160 илјади вакцини, како и вакцини на Фајзер.

Филипче кажа дека е рано да се каже како ќе се одвива процесот во однос на трета доза.

– Помината е една година во која може да се провери количината на антитела. Официјален став за трета доза, засега нема. Засега се прима само една доза и ревакцина – додаде тој.