Фото: Арбнора Мемети

Министерот за здравство Венко Филипче, на прес конференција попладнево соопшти дека се обезбедени вакцини за 400.000 граѓани, односно вкупно 833.000 дози. Тој рече дека вакцинацијата нема да биде задолжителна, а за вакцините граѓаните нема да плаќаат.

Во делот на набавката на вакцините, веќе се обезбедени 833 илјади вакцини за 400 илјади граѓани преку КОВАКС механизмот. Тоа е механизам на Светската здравствена организација, односно Глобалната алијанса за имунизација, во којашто учествуваат сите соседни земји освен земјите членки на Европската Унија, кои имаа можност за директни договори со некои компании. Во рамките на овој систем ќе ги добиваме вакцините согласно планот за дистрибуција којшто КОВАКС ќе го одреди и многу скоро очекуваме конкретна информација од нив“, потенцираше Филипче.

Покрај овој механизам, министерот Филипче изјави дека веќе се доставени барања за директни договори за вакцини до две светски компании Астра Зенека и Фајзер. По иницијалните нивни одговори се чека и дефинитивната потврда дека дополнителна количина ќе може да се набави директно од компаниите.

„И третиот механизам е практично механизмот којшто го понудија дел од земјите членки на ЕУ. Имено, од нивните билатерални договори со дел од компаниите, беа договорени 400 милиони дози за граѓаните на земјите членки на Еврпска унија, од коишто 100 милиони беа наменети за земјите во Европа коишто не се членки на унијата. Иницијална понуда добивме од Полска, понатаму преку премиерот Мицотакис до нашиот премиер Заев и веќе аплициравме за 800 илјади дополнителни дози.

Што се однесува до процесот на вакцинација и логистичка организација, денеска донесовме неколку одлуки, првата е дека вакцинацијата ќе се врши во постоечките наши капацитети, а тоа се вакциналните пунктови и болниците. Ќе се спроведе еден брз процес на тренинг за вакцинирање, согласно спецификите на вакцините за Ковид 19. Сите здравствени работници ќе бидат соодветно обучени“, посочи Филипче посочувајќи дека  за сите овие вакцини коишто се сега на располагање здравствените работници веќе имале искуство со други вакцини коишто се со сличен тип.