На тројца од вкупно деветтемина пациенти со корона вирус на Клиниката за инфективни болести од синоќа лесно им се влошила состојбата и дишат поотежнато. Тројцата имаат над 65 години, но, како што информира министерот за здравство Венко Филипче, „засега не им е потребна респираторна поддршка“.

Во меѓувреме, министерот посочи дека за корона вирусот се тестира уште еден пациент кој утрово се пожалил на симптоми. Тој дошол од патување во Германија на 7 март.

На денешниот состанок на Комисијата за заразни болести биле разгледани дополнителни владини мерки за борба против ширењето на вирусот.

– Разговаравме и со колеги од Италија кои укажаа дека во одредени делови во земјата, дури по воведување на најригорозните мерки, повеќе нема случаи. Затоа многу ригорозни мерки и сега воведуваат каде што нема така голем број како што имаше во северниот дел, вели Филипче додавајќи оти тоа укажува дека мерките треба да се уште порадикални.

– Предлагаме забрана на сите јавни и приватни собири, забрана за сите настани, вклучително и теретани. Кафеаните и кафе-баровите да работат со скратено работно време до 18 часот, а да се задржи дистанца од метар и пол до два меѓу гостите. Да се откажат сите претстави во кината, театрите и концертите. Да се прават само најитните операции и прегледи. Терапијата за хроничните пациенти да ја дава матичниот лекар, за што Фондот за здравство ќе направи измена во правилникот. Ова нема да може да важи за пациентите со нова терапија, тие ќе мора да одат на лекар-специјалист. Понатаму, да се побара од Македонската православна црква, Католичката црква и Исламската верска заедница строго почитување на овие мерки на Владата. Верските заедници не можат да испратат подобра порака од ова што сега нам ни е потребно, посебно со оглед на тоа дека во верските објекти верниците се на мала дистанца – истакна министерот Филипче.
Тој рече дека по случаите во Дебар имало информација дека се создава паника во градот, но рече дека тоа не било точно и дека градот функционира нормално.

– Тоа е единствено место на кое има повеќе заболени пациенти, затоа засилен тим на инфектолози и епидемиолози, ќе направат анализа на целото подрачје – додаде министерот.

Филипче повтори дека во однос на мерките за пуштање на работниците дома, финансиските обврски ги презема компанијата за овие 14 дена.

– Во Италија има форма на полициски час, никој не смее да влезе и излезе од дома без дозвола. Ние не сакаме до таму да дојдеме, затоа и ги предлагаме овие мерки. Во однос на економските мерки се прават проекции, предвидувања. Сега е тешко да се предвиди и времето на траење на оваа состојба. Од МФ велат дека нема да биде проблем да се амортизира евентуален удар. Грубо, во овој момент, околу 200 граѓани се во домашен карантин – информира тој.

Во земјава досега се регистрирани 9 случаи на заболени со корона вирус. Првиот заболен пациент беше откриен на 26 февруари. Педесетгодишната пациентка се враќала од Италија каде што престојувала еден месец. Била болна и таму, но лекарите не ја тестирале за корона. Потоа, на 6 март беа откриени уште два случаи кај сопружници од Дебар кои допатуваа од Италија во возило со 40 други патници. Откако се покажа дека се позитивни на корона вирусот, луѓето со кои биле во контакт беа ставени во домашна изолација. На 9 март беа регистрирани уште тројца позитивни случаи од Дебар кои се во семејна врска на заразените сопружници од Дебар. Истиот ден позитивна на тестот за корона вирусот беше и директорката на Клиниката за кожни болести. Директорката, која е исто така доктор по професија, била на патување во Италија и по враќањето одела на работа и држела предавање на симпозиум на колеги. Поради тоа, 193 лица со кои таа била во контакт се во домашна изолација, и засега, според министерот за здравство Венко Филипче, нивната здравствена состојба е добра. На 11 март беа регистрирани уште два позитивни случаи, соседи на заразените од Дебар кои веќе се хоспитализирани. Првозаболеното лице е излекувано. Околу 200 други се во домашна изолација.

Корона вирусот се појави во текот на декември минатата година во градот Вухан во Кина. Во оваа земја до сега се заразени повеќе од 80.000 лица, а починаа вкупно 3.140. Во Европа жариштето на вирусот е во Италија, каде се заразени над 9.172 лица, од кои 1.797 во последните 24 часа, според податоците од Министерството за здравство. До сега во Италија има вкупно 463 смртни случаи.

Светската здравствена организација вчера прогласи пандемија на корона вирусот на светско ниво.