Фото: Арбнора Мемети

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше дека полицискиот час во целата земја би започнал од среда навечер (10 март) и засега е одлучено оти ќе трае во период од две недели, вклучувајќи го и викендот во периодот од 22 часот навечер до 5 часот наутро.

„Евидентно беше дека во текот на изминатата недела до 10 дена се зголемува инциденцата. Најмногу е зголемена инциденцата на нови случаи во Скопје, регионот на Кавадарци и Неготино, Прилеп и Охрид. Тоа се реперкуира на начин што има зголемен прилив на пациенти во болниците. Во Кавадарци е целосно исполнето инфективното и дополнителните одделенија и почна да работи модуларната болница. Исто е во Прилеп“, изјави министерот Филипче.

Тој рече дека и во главниот град постојат сè поголем број на случаи коишто бараат хоспитализација и затоа во функција е ставена модуларната болница на Инфективната клиника и се повторно спремни да профункционираат сите интерни клиники, како што беше во ноември.

„Ударот во болниците во смисла на прием на нови пациенти не е така нагол како што беше на почетокот на ноември и тоа е една значајна разлика“, дополни Филипче.

Сепак, тој рече дека е многу тешко од денешен аспект да се каже дали ќе продолжи ваквиот тренд, односно дали бранот што сега се јавува ќе биде идентичен на тој во ноември.

„Сепак, ние мора да сме внимателни и спремни.Токму од оваа причина, препораката на Комисијата за заразни болести е да има ограничување на движењето на граѓаните после 22 часот,“ изјави тој.

Филипче апелираше во угостителските објекти да се почитуваат протоколите за заштита од ширење на корона вирусот, и укажа дека Комисијата за заразни болести апелирала до Инспекторатите да ја интензивираат нивната работа во насока на контрола и проценка дали се почитуваат протоколите за работа на угостителските објекти.

Тој порача дека има слободни кревети во болниците, ситуацијата со корона вирусот не е до тој степен критична, но и дополни дека секако не сакаме да стигнеме како земја до критична ситуација.

Министерот за здравство објасни дека засега нема да има целосни затворања за време на викендите во земјава, но и дополни дека се следи ситуацијата. Филипче кажа дека е рано да се каже дали полициските часови ќе траат и за време на претстојните празници.