Фото: Архива, Фејсбук страна, Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека во државава се присутни два, три соја на ковид вирусот, но нагласи дека превенцијата и вакцинацијата се важни за сите соеви. Тој најави дека најверојатно од наесен на масовни настани на отворено и затворено ќе можат да присуствуваат само оние граѓани кои имаат сертификат за примена вакцина против ковид.

„Принципите на превенцијата се истите, без разлика за кој сој на вирус ќе дојде-маска, дистанца, дезинфекција на раце. Граѓаните мора да го имаат тоа на ум, станува збор за нивно здравје, и кога е во прашање вакцинацијата, но и кога се во прашање превентивните мерки“, рече Филипче, по состанокот со Македонско – Турската стопанска комора во Македонија-Матто, додавајќи дека треба секој да води сметка за сопственото здравје додека трае пандемијата, која никој не знае кога ќе заврши.

„Присутни се два, три соја на вирусот и тоа што е битно дека принципите се исти – вакцинацијата и превенцијата која важи за сите соеви. Вкупниот број на вакцинирани  во државата, меѓу 70, 80 и 85 проценти, би било нешто што значи колективен имунитет“, појасни Филипче.

Во врска со вакцинацијата на децата, министерот рече дека ќе се види на крајот на неделата каков ќе биде интересот.

„Таа вакцина не е задолжителна, меѓутоа некои земји дефинитивно тоа го препорачуваат. Опцијата е отворена. Вакцината на Фајзер е препорачана за деца од 12 до 16 години, што значи дека е сигурна, мислам дека е тоа уште еден добар момент“, додаде Филипче, најавувајќи дека од есен најверојатно на масовни настани, на настани на отворено и на затворено, би се присуствувало само со сертификат за вакцинација против ковид-19.

Околу тоа дали ќе се воведат построги мерки бидејќи се намалува интересот за вакцинација, се појавуваат нови кластери на заболени и не сите здравствени работници се вакцинирани, Филипче рече дека според нивните анализи здравстениот персонал е вакциниран со прилично висок процент, некаде 85 проценти, а се чекаат и анализите со опфатот на вакцинација на вработените во училиштата и градинките.

Капацитетите за вакцинација, според него, се така димензионирани да може да се вакцинираат меѓу десет и петнаесет илјади граѓани дневно, а поради намалениот интерес за вакцинација преку системот за закажување, се отворија пунктовите без закажување.

„Наша проценка е дека до крајот на јули околу 500.000 илјади граѓани ќе бидат вакцинирани со една доза, а приближно толку ќе бидат ревакцинирани“, рече Филипче.