Иако бројот на новозаболени пациенти со морбили е драстичо намален во последниот период, сепак се плашам дека епидемијата може да се прошири од 1 септември кога децата ќе појдат на училиште и во градинка. Затоа внимателно ќе следиме што ќе се случува, вели за „Мета.мк“ министерот за здравство Венко Филипче.

– Деновиве ќе се сретнам со министерот за образование и наука Арбер Адеми, за да видиме какви мерки ќе преземеме во врска со оние деца кои се пријавени да појдат во прво одделение, а не се вакцинирани – рече Филипче.

Во меѓувреме, во периодот пред почетокот на новата учебна година, Министерството за образование и наука прибира податоци за бројот на вакцинирани првачиња, чии документи се примени во основните училишта. Со одлука на Влада од мај месец, се примаат документите на сите деца кои ги исполнуваат условите да појдат на училиште, но се запишуваат само оние кои имаат потврда дека ги примиле задолжителните вакцини.

И д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје, вели дека иако опфатот на вакцинација е голем, може дс се случи со почетокот на школската година да се разгори епидемијата.

– Ако едно дете заболе, лесно може да разболе други лица. Кога има на едно место повеќе лица, полесна е трансмисијата, а тоа лесно се шири во градинка, училиште, на факултет. Затоа е потребна претпазливост – вели Микиќ.

Министерот за здравство Венко Филипче, во обид да го врати степенот на имунизација кај децата, најави сосема нови поригорозни мерки кои ќе помогнат во спроведување на задолжителната вакцинизација.

Во април годинава, министерот Филипче соопшти дека услов за упис во градинка и во училиште ќе биде децата да бидат вакцинирани. Покрај кампањата за подигање на јавната свест за имунизација, превентивни тимови одеа на терен и ги проверуваа вакциналните картони и бараа невакцинирани деца и лица да бидат имунизирани.

Здравствените власти потенцираа дека она што е најзагрижувачко се несигурноста, некомпетентноста и недоволната едукација на дел од здравствените работници за имунизација, што често резултира тие наместо да бидат промотори на превентивата, да бидат пропагатори на нестручни информации за имунизација. Ваквата состојба, според нив, ги доведе родителите во дилема и голем дел од нив потпаѓаа под влијанието на социјалните медиуми преплавени со неточни информации за имунизацијата.

– Квалитетот и безбедноста на вакцините се едни од најригорозно контролираните процеси во целата фармацевтска индустрија и да не заборавиме дека им се даваат на милиони деца на светско ниво, со децении наназад. Апел од стручните лица е родителите навреме да ги вакцинираат и со тоа да заштитат своите деца, бидејќи вакцината е единствената безбедна и ефикасна мерка за спречување на епидемијата и заштита на децата од можните сериозни компликации на малите сипаници – изјави пред неколку месеци за „Мета.мк“ Александра Грозданова, претседателката на Комитетот за имунизација при Министерството за здравство.