Филипче: Очекувавме дека луѓето ќе заминат за продолжен викенд, но мора да ги почитуваат мерките

Фото: Арбнора Мемети

Кога има продолжен викенд, секако се очекува луѓето да заминуваат надвор од Скопје, но колку и да заминуваат, мора да ги почитуваат мерките. Мора да научиме да живееме со ова и понатаму. Ние во следните чекори планираме и отворање на хотелите. Така што, овие мерки за носење маска, миењето раце и дистанцата се универзални. Ова го кажа денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Денеска имаме најголем број на новозаразенти со ковид-19 во период од едно деноноќие, 180 случаи, но и најголем број направени тестови во еден ден.

– Луѓето секако ќе заминеа, продолжен викенд е. Потребно е само носење на маска, миење раце и држење дистанца. Да не се групираат и да носат маска. Ниедна земја нема да може да се справи со ова ако граѓаните не се придржуваат на мерките. Нема простор да се споредуваме со Италија бидејќи кај нас кластерите се веќе познати и луѓето се веќе во изолација – рече тој.

Министерот информира дека се тестираат сите контакти на заболените во кризните општини.

– Таргетирано се тестираше и кластерската анализа, која покажува дека околу 15 семејства, вкупно носат 90 отсто од новите случаи. Има и спорадични случаи кои не можат да се поврзат со овие семејства, што значи дека вирусот го има и надвор од овие кластери. Несомнено имаме и втор бран, што е резултат на непочитување на мерките за собирање. Големиот број е очекувам заради начинот на тестирање, со оглед на тоа што првите случаи од семејствата, покажа дека има одреден број на асимптоматски случаи. Со овој начин, многу рано се идентификуваат носителите на вирусот. Сметам дека бранот многу кратко ќе трае – рече тој.

Вирулентноста значајно слабее, додаде Филипче, а имало и голем број случаи асимптоматски и со слаби симптоми.

– Сепак ова не значи дека вирусот не е опасен. Има и пациенти со тешка клиничка слика, затоа граѓаните мора да внимаваат и да ги почитуваат мерките. Комисијата прави анализи, во недела ќе имаме состанок за натамошните чекори – информира тој.

Во последните 24 часа, направени се најмногу тестови досега во едно деноноќие – 1.272, регистрирани се 180 нови случаи, 11 пациенти се оздравени, а двајца починаа.

Филипче информираше и дека на Гинеколошко-акушерската клиника во Скопје има двајца заразени, сестра и техничар, а во Градската болница „8 Септември“ има 11 заразени здравствени работници, но работата продолжува.

На новинарско прашање, за кого е полицискиот час во главниот град кога Скопјани заминаа на подолжен викенд, тој одговори дека е воведен за да се олесни работата на епидемиолозите кои се соочуваат со проблем при зимањето на анкетите.

– Одлука за полициски час има и заради можните контакти кои ги имале оние од кластерите, за да се намали ризикот од дополнителна трансмисија. Затоа викаме дека цел кластер и оние околу нив, се под контрола. Мерката е и со цел да се олесни работата на епитемиолозите кои се соочуваат со проблем со зимањето на анкетите – рече Филипче.

Тој смета дека согласно сите податоци, потврдена е исправноста на одлуката за рестрикции во главниот град и во другите региони и смета дека одлуката е издржана. Апелираше повторно до граѓаните да ги почитуваат мерките, а до институциите да казнуваат и контролираат.