Денеска се испишани уште деветмина пациенти, излекувани од корона вирусот, со што вкупната бројка на излечени е 12, информира на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Осуммина од пациентите се од Дебар, а еден е од Скопје. Сите имаат два последователни негативни тестови.

– Очекуваме да имаме уште излекувани пациенти со оглед на тоа дека имаат полесна клиничка слика. За жал, имаме и еден смртен случај, почина 79 годишен пациент од Дебар, кој бил хоспитализиран на 25 март и кој имал коморбидитети. Во изминатото деноноќие дијагностицирани се нови 26 случаи, со што бројката се искачи на 285 заболени лица – рече министерот.

Синоќа на Клиниката за инфективни болести примени се осум нови пациенти со што сега бројот на пациенти кои се таму хоспитализирани е 47. На механичка вентилација се тројца пациенти на возраст меѓу 50 и 67 години, а на кислородна поддршка дополнително се други девет пациенти.

– Денеска почина и пациентка од Струга, која имала потешкотии во дишењето. Немала корона вирус, туку имала друга хронична респираторна болест, но со оглед на сличноста на клиничката слика, земен и е брис – додаде министерот.

Тој информира дека охридската билница има нов директор. Денеска завршува и инспекцијата на здравствените инспектори во врска со третманот на пациентката која почина, а е од Струга. Информациите се анализираат, детали наскоро.

Од денеска работи уште еден пункт во Чаир, а од среда ќе проработи и оној во Млин балкан, со што ќе се дуплира бројот на пунктови за зимање брисеви, преку „Мој термин“ и матичен лекар.

Во заводот за рехабилитација се тестирани 46 лица, од кои позитивни се осум медицински лица и двајца пациенти. Прашан за случајот со смртта на 31 годишниот пациент, Филипче објасни дека дебелината знае да е сериозен фактор кога станува збор за дишниот капацитет.

– Обезноста е сериозен фактор во дишниот капацитет, посебно кога е пациент во кревет легнат. Притиска дијафрагмта на белите дробови, и во таа смисла знаеме дека кај обезни пациенти потешко оди процесот на лекување – рече министерот.

Дневно се прават вкупно 200 до 300 тестови. Пикот се очекува да се случи за еден месец, а здравствените власти се надеваат дека линеарно ќе се случува зголемувањето на бројот на заболени, како досега.

На прес-конференцијата се обрати и заменичката министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска, која рече дека вработените во Министерството за внатрешни работи несебично ги извршуваат своите работни задачи.

– И покрај напорите на здравствените работници и на полицијата, сепак има поединци кои со своето себично и нечовечко однесување, придонесуваат за последици врз здравјето на граѓаните. Затоа, утре ќе биде поднесена кривична пријава за едно лице. Се работи за Ф. К., лице кое не ги почитувало правните прописи и кршело наредби. Имено, на 8 март влегол во земјава на Табановце, бил известен и информиран за одлуките на Влада во врска о корона вирусот и знаел дека истиот е обврзан да е во самоизолација, за што и потпишал изјава. Но, наместо да ги почитува насоките, тој се однесувал спротивно на одлуките, со што прекршил Кривичниот законик, па во меѓувреме бил во комуникација со родителите, брат му, пријателката, но и со вработените. Во полициската станица Карпош дал исказ дека не патувал, со што дал лажен исказ, а во меѓувреме заразил повеќе лица – рече Петровска.

Таа додаде и дека се води итрага во врска со дозволите на приватните фирми за работа во време на полициски час, по добиени сознанија дека истите се злоупотребуваат.