Филипче: Не е зголемен бројот на хоспитализирани деца во болницата во Козле

Фото: Архива, Фејсбук страна, Венко Филипче

Пред еден месец, во Институтот за белодробни заболувања во Козле имаше 20 деца кои беа хоспитализирани поради ковид-19, а таа бројка е и сега иста, што значи дека зголемување нема, информира министерот за здравство Венко Филипче. Дали и што ќе се препорача во однос на моделот на спроведување на наставата во идниот период, тој кажа дека ќе зависи од анализата на состојбата која деновиве ја прават епидемиолозите. Откако ќе се види каква е состојбата во училиштата, надлежните ќе одлучуваат во врска со наставата.

– Се анализира бројот на новодијагностицирани случаи, возрасните групи и опфатот со вакцинација во регионите. Тоа е битна анализа, која ќе ни биде индикатор дали ќе предложиме дополнителни мерки. Една од мерките кои сигурно ќе се препорача е да се прикаже сертификат за целосно вакцинирани граѓани. Вакцинацијата добро се спроведува во сите пунктови. Има намалување на интересот. Вкупниот број на вакцинирани граѓани е 767 илјади граѓани. Над 18 години се вакцинирани 46 отсто, а вкупниот опфат е 37 отсто и тој број варира. Најголем опфат има во Охрид, Вевчани, Ресен, а најмалку во Тетово и во Гостивар. Во однос на примерите од различните земји има различни сценарија. Кај нас, има интерес за вакцинација кога има нова мерка, но после тоа интересот спласнува. Не ја исклучувам можноста дека сите земји во светот ќе имплементираат такви мерки со задолжителна вакцинација, а ако тоа се случи, ќе направиме и ние – информираше министерот.

Според анализите, евидентно било дека вирусот се шири меѓу невакцинираните граѓани.

– Над 90 отсто од сите починати биле невакцинирани лица. Во околните земји во земјите во Европа, секаде вирусот се шири и има тешка форма кај невакцинираните. Мал е опфатот, потребно е голем процент за да постигнеме колективен имунитет – додаде тој.

Во однос на неговата оставка од функцијата и на оставката на заменикот-министер, Филипче кажа дека оставките не се стигнати во министерството.

– Не бегам ниту од прашањата ниту од одговорноста. Истрагата си тече, јас сум овде, сум транспарентен и достапен да одговорам на било кое прашање. Здравствениот систем е комплексен, мора да се менаџира. Ова се сериозни прашања за хроничните пациенти, за закажувањето прегледи, тоа секојдневно го менаџираме – рече тој.

Во однос на модуларните болници, Филипче кажа дека во ситуација на пандемија се поставуваат модуларни болници насекаде во светот.

– Проверени се сите инсталации, струја, проверено е персоналот дали се однесува согласно упатствата и сите потврдија дека се тоа се одвива во најдобар ред. Сега има огромен број на пациенти кои се лечат во модуларните болници. Сакаме да видиме што ќе покаже истрагата во случајот во Тетово – рече Филипче.

Министерот информираше дека стасуваат поплаки од граѓани за време на целата ковид криза во однос на орегледите.

– Еден дел од реакциите се должат на тоа што ретгените се наменети само на ковид пациентите, тоа се коридори со изоалција и тоа ги намалува капацитетите во однос на број на прегледи. Разговаравме неколку пати со директорот на радиологија каде е најголемиот притисок, разговаравме со дел од управниот одбор на Лекарската комора каде членуваат и матични лекари, по што договоривме измена на моделот на закажување на овие прегледи што верувам дека е трајно решение. Не само специјалистите, туку и матичните лекари ќе можат да закажуваат прегледи кои сега не можат да ги закажуваат. За опремата која треба да стигне од ЕУ магнетна резонанца, компјутерска томографија треба во декември секој месец по два или три апарати, и тоа значи дека следната година ќе се смени целосно сликата – информира министерот.