fbpx

Филипче: Нема забрана за снимање и работа на новинарите, ќе се истражуваат инцидентите во ГОБ „8-ми Септември“

-

Се истражуваат инцидентите што се случија со спречувањето на работата на новинарите и снимателите во кругот на Градската болница „8-ми Септември“, а одлука за забрана на работата на новинарски екипи во кругот на јавни здравствени институции не постои. Ова беше посочено на денешниот состанок во Министерството за здравство, кој се одржа на барање на министерот Венко Филипче со претставниците на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Советот за етика во медиуми на Македонија (СЕММ).

Поводот за средбата беше вчерашната објавена реакција на ЗНМ и на ССНМ во врска со попречувањето на работата на новинарите во кругот на ГОБ „8-ми Септември“, соопштија од Министерството за здравство.

На состанокот Филипче укажал дека не постои одлука од Министерството за здравство да се попречува работата на новинарите, снимателите и фоторепортерите во ниедна здравствена јавна установа во Република Северна Македонија.

„Инцидентот кој се случил во изминатите денови во „8-ми Септември“, на кој не им беше дозволено на група новинари да известуваат од пред влезот и паркингот на оваа болница, е изолиран и за истиот се преземаат мерки да се расчисти и да се преземе одговорност од страна на лицата кои директно ја попречиле работата на новинарските екипи“, изјави Филипче, додавајќи дека новинарите можат и треба непречено да снимаат на сите јавни простори пред болничките установи во насока на професионално известување во однос на пандемијата.

Според претставниците на новинарските организации, само преку заедничка и координирана активност меѓу Министерството за здравство и професионалните новинари, ќе има гаранции за точни и навремени информации во врска со пандемијата во земјата. Тие уште еднаш истакнаа дека новинарите во своите известувања треба да се држат до етичките стандарди, почитувајќи ја приватноста на пациентите или нивните блиски, во склад со јавниот интерес.

„Присутните се сложија дека e потребно и во иднина да продолжи комуникацијата со цел да се превенираат слични ситуации кои можат негативно да се одразат на работата на новинарите, но и на здравствените установи и медицинскиот кадар“, соопштија од Министерството за здравство.

Фоторепортерката Арбнора Мемети синоќа на Фејсбук реагираше поради случката во ГОБ „8-ми Септември“, која предизвика многу коментари од нејзини колеги кои исто така, се нашле во слична ситуација. Таа го сподели и своето досегашно искуство.

„Пред три дена бев спречена да сликам пред објектот на клиниката. Прво дојде обезбедувањето за да ме избрка, а потоа ме легитимираше полицаец и војници и ми беше дадена наредба да си одам од таму. Затоа што ги знам моите права како фоторепортер, ја одбив наредбата, па истиот повика други колеги за да ме носат во станица. Ова не е прв пат да се соочуваме со вакво однесување, летово истото обезбедување ми ги бараше апаратите за да ги контролираат сликите“, напиша Мемети. 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Појавата на болести сѐ поголема закана за жителите на Газа

Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци, UNRWA денеска соопшти дека заканата од појава на болести во Газа станува сѐ поголема, бидејќи температурите почнуваат да растат. „Нашиот страв е...