Фото: Министерство за здравство

Неделава се очекува да стигнат вакцини од Бугарија и од Грција, а кинеските Синовак, сѐ уште не се знае кога ќе пристигнат во земјава. Ќе има доволни количества вакцини за да продолжи со масовната вакцинација против ковид-19. Во моментов само уште 5.000 вакцини се  наменети за граѓаните кои треба да ја примат првата доза, а останатите ќе бидат за ревакцинација. Ова го изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче, кој рече дека секој понеделник стигнуваат нови количини на Фајзер вакцини.

„Неделава очекуваме 50.000 вакцини од Бугарија и 20.000 Грција, кои најверојатно ќе бидат од производителот АстраЗенека. Немаме точен датум кога ќе стасаат 500.000 вакцини од Синовак кои беа најавени од производителот за почетокот на јуни“, рече Филипче, кој присуствуваше на воената вежба „Одлучен удар 21“, што се одржува на Криволак.

Филипче посочи и дека потврдата за вакцинацијата и ПЦР-потврдите се сосема доволни за влез во Грција како и дека се работи на една варијанта за надградување и на податоците во апликацијата.

Досега во земјава вкупно се аплицирани 315.781 вакцини. Со прва доза се вакцинирани 234.508 лица, а се ревакцинирани 81.273.

Една доза вакцина има примено 47 отсто од пријавеното население над 70 години, и 41 отсто на возраст над 65 години, примиле една доза.

Бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 431.770 граѓани.