Група експерти ќе ја анализира физибилити-студија за јавно-приватно партнерство за Итната медицинска помош во земјава, и допрва ќе се гледа што таа содржи и засега нема да се брза со реализацијата на оваа идеја, изјави министерот за здравство Венко Филипче, пренесува Порталб.мк.

-Ќе направиме работна група, која треба да ја анализира физибилити студијата за јавно-приватно партнерство за Итната помош. Не знам какви се наодите, но не сакаме да брзаме. Откако ќе ја анализираат, меѓу другото и експерти во Итната помош, ќе ја дадеме и на јавна расправа – рече министерот.

Изминаа две седмици откако физибилити-студијата е подготвена. Таа чинеше 600.000 денари, за неа е потпишан и анекс-договор, но наодите од неа уште не се објавени јавно.

Идејата Итната медицинска помош во земјава да функционира по моделот јавно-приватно партнерство предизвика бран критики во јавноста и од лекарите, кои порачуваа дека така Итната помош ќе се приватизира и ќе дојде до колапс на медицинската нега.

Итната помош долго време е во незавидна положба, со стари возила и недоволно кадар, а исчекор беше направен неодамна, со набавка на 12 нови амбулантни возила што беа распределени во неколку Здравствени домови.