Во последниве денови огромна е побарувачката на лекот „сумамед“. Не е добро некој сам да иницира лечење со овој лек, затоа апелирам до граѓаните дека лекови има доволно во аптеките и дека нема потреба да прават домашни аптеки, рече министерот за здравство Венко Филипче на прес конференција на која информираше за состојбата со ковид-19.

– Сите лекови ги има во аптеките во доволни количества. И парацетамолот не е лек безопасен, има токсичност на одредени органи ако се зема пречесто или без индикација од лекар. Моја препорака е луѓето да не прават домашни аптеки – рече тој.

Тој информира дека ноќеска на Клиниката за инфективни болести починал пациент заболен од корона, на 63-годишна возраст од Дебар, кај кого синоќа дошло до нагло влошување на здравствената состојба.

– Хоспитализиран бил на 17 март. Откако му се влошила состојбата, поставен е на респираторна машина, но потоа повторно состојбата дополнително се влошила. Не дал податок дека има некој коморбидитет. Пациентите кои имаат болест на бели дробови се во поризичната група  – рече тој.

На сите лица кои се поврзани со поранешната директорка на Клиниката за кожни болести, истечени се 14 дена и сега се прави план да се тестираат за да можат да се вратат на работното место. Од денеска се во функција 14 центри за тестирање низ Македонија, за земање на брисеви, а локациите се објавени се на сајтот на „Мој термин“.

– Со ова ги ставаме во функција матичните лекари. Секој еден пациент може да се јави без симптоми кај неговиот матичен доктор, кој врз основа на епидемиолошка анкета, со помош на алгоритам докторот ќе каже дали е потребно тестирање или не. Ако е потребно, се закажува термин и се оди во пункт. Во Скопје вакви пунктови засега има во поликлиниката „Јане Сандански“ и поликлиниката во Ченто. Потоа на пациентот ќе му бидат кажани резултатите, а согласно состојбата ќе биде заземен став дали ќе се лечи на клиника или дома – објасни министерот.

Тој информира дека утрово на состанок со членовите на Комисијата за заразни болести разговарале за зајакнување на мерките, а кои се однесуваат на граѓани кои се во ризична група, а тоа се граѓаните над 65-годишна возраст и младите до 18 години кои се преносители. На владина седница ќе се разговара за овие мерки.

– Во однос на терапијата, излегоа студии од веќе аплицирана терапија во светот. Ние ја обезбедивме целата потребна терапија и имаме доволно за голем број пациенти. Тоа е терапија која дава добри резултати во лекувањето на овие пациенти. Веќе многу земји ја ставија во протоколите. Имаме седум дијагностицирани случаи помалку, што е охрабрувачко, но се` уште сме во трендот на зголемување на бројот на пациенти. Лицата кои се позитивни се во фаза на лекување. Ако имаат претходни болести тогаш се лечат на клиника, а ако немаат се лечат дома. Овој модел го преземавме од Германија – додаде Филипче.

Од вкупно 136 заболени лица, 81 се од Скопје. Дваесет и пет се лечат на Клиниката за инфективни болести. Нема автохтоно локално жариште во главниот град. После два циклуси на инкубација, Филипче рече дека се смета дека тие кои биле заболени, целосно оздравеле. Затоа она што постојано се препорачува е социјална дистанца, да нема движења надвор и заштита на ризичните категории граѓани.