fbpx

Филипче: Не ги распуштивме школите за децата да ги полнат парковите и игротеките

-

Две нови лица се заразени со корона вирус, кои биле соседи на тројцата пациенти од Дебар и кои биле во чести контакти, соопшти министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција. Тој информира дека сите други нивни роднини кои живеат во истата куќа не се заболени од вирусот.

– Заболените ќе останат во изолација и лекување во домашни услови. Нивната здравствена состојба дозволува да не бидат хоспитализирани. Согласно препораките на Комисијата за заразни болести се утврдија категории на лица со хронични заболувања кои ќе бидат ослободени од работа со соодветна потврда од матичен лекар. Ова се однесува за лица со хронични респираторни заболувања, тешки кардио-васкуларни заболувања, дијабет тип 1, малигни заболувања и имуно-компромитирачки состојби, а во текот на утрешниот ден ќе доставиме и подетална листа на дијагнози во рамки на овие групи на болести за да нема недоразбирање – рече министерот.

Тој додаде дека има препорака до здравстените работници да не користат годишни одмори или боледувања овој период (освен ако нема издржана причина за тоа) и да ги откажат и приватните и службени патувања.

– Секој здравствен работник е драгоцен. Освен тоа, секој работадавач кој нема да ја почитува одлуката за отсуство на вработен кој има дете до 10 години, ќе биде казнет според член 205 и 206 од Законот за заразни болести. Отсуството кон работавецот работникот го регулира со потврда од градинка за да се оправда. Одлуката важи и за дневните центри за лица со попреченост и за овие деца кои се до 26 години и тие родители ќе треба да достават потврда. Самохраните родители ќе бидат ослободени од работа. Овие мерки важат за сите и јавни и приватни организации и фирми и секое непочитување ќе биде казнето – дециден е Филипче.

Откако денеска можеше да се забележат полни паркови и игралишта со деца, министерот истакна дека треба да се избегнуваат вакви собири, бидејќи децата се поотпорни на вирусот, но се преносители.

– Годи сонце, убаво време, прошетка на воздух, на планина, тоа го јакне имунитетот, но никако не треба да се оди на места каде што има групирања, собири на повеќе деца на едно место. Зошто тогаш ја усвоивме мерката за неодење на училиште – вели Филипче.

Тој ги презентираше дополнителните заклучоци, мерки и препораки од 16. седница на Владата која што се одржа денеска.

1. Од работа и работни ангажмани се ослободуваат лица врз основа на приложена потврда од матичен лекар за следниве состојби:

– Хронични респираторни заболувања;
– Тешки кардиоваскуларни заболувања;
– Дијабет – ТИП1;
– Малигни заболувања; и
– Имуно-компромитирачки состојби.

2. Согласно ова, се задолжува Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, да подготват и да достават листа со дијагнози во врска со горенаведените здравствени состојби.

3. Сите вработени лица од здравствениот сектор да не користат годишни одмори, платени и неплатени отсуства, за време на овој период.

4. Се задолжува Институтот за јавно здравје да подготви текст/порака за пишаните и електронските медиуми во однос на почитување на препораките против COVID-19, и да биде доставена до Министерството за здравство, за понатамошно процесуирање и објавување.

5. Се задолжува Министерството за здравство, телефонскиот број на АЛО ДОКТОРЕ од флаерот да го пренамени во call-центар со зголемен капацитет кој ќе дава одговори/информации во врска со болеста COVID-19 (корона вирус).

6. Се препорачува на ЈП Македонска радио – телевизија, редовно, на дневна основа, преку телевизиските канали, како и Собранискиот канал да ги објавуваат сите заклучоци, мерки и препораки усвоени од Владата на Република Северна Македонија за превенција од ширење на болеста COVID-19 (корона вирус), како и прес-конференциите на оваа тема.

6. Се укажува на АД МИА – Скопје, редовно, на дневна основа да ги објавува сите заклучоци, мерки и препораки усвоени од Владата на Република Северна Македонија за превенција од ширење на болеста COVID-19 (корона вирус), како и прес-конференциите на оваа тема.

7. Се задолжуваат сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се укажува на единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, како и се препорачува на приватниот сектор, за вработените лица во овие институции и фирми кои користат оправдано отсуство согласно донесените заклучоци, мерки и препораки на Владата, до надлежните организациони единици за човечки ресурси во нивните институции да побараат од овие лица да достават доказ/потврда за основот на користење на ова оправдано отсуство, (потврда издадена од детската градинка или уплатница за платен надомест за престој во детска градинка, копија од патна исправа за возраста на детето или копија од извод од матична книга на родени, потврда за редовен ученик од образовните институции или копија од свидетелство).

8. Се задолжуваат сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се укажува на единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, како и се препорачува на приватниот сектор, за вработените лица во овие институции и фирми кои имаат малолетно дете со навршена возраст до 10 години или активно четврто одделение за кого е неопходна домашна грижа, еден родител да биде ослободен од работа и работни активности и неговото отсуство за време на овој период да биде евидентирано како оправдано од работодавачот. Овој заклучок се однесува и на самохраните родители. Дополнително, децата кои не посетуваат детска градинка или не се вклучени институционално во воспитно – образовниот процес, родителите на овие деца не се ослободени од работа и извршување на работни активности.

9. Се задолжуваат сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции, а се укажува на единиците на локалната самоуправа во Република Северна Македонија, јавните претпријатија и другите правни лица основани од единиците на локалната самоуправа, како и се препорачува на приватниот сектор, за вработените лица во овие институции и фирми кои користат оправдано отсуство согласно донесените заклучоци, мерки и препораки на Владата, до надлежните организациони единици за човечки ресурси во нивните институции да достават своја лична писмена изјава под морална, материјална и кривична одговорност дека во секое време ќе бидат достапни на работодавачот за вршење на службени работни задачи и обврски од својот дом, преку комуникација со електронска пошта, или пак, во текот на денот во итни ситуации да бидат и физички на своето работно место, во период од два до три часа (образец Изјава доставен во прилог на овој заклучок).

10. Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на граничните премини при излез од Република Северна Македонија, особено контролата на автобускиот превоз и дестинацијата.

11. Сите воспитно – образовни институции да воведат ротационо дежурство, со цел издавање на потребните потврди и останати документи.

12. Да се прекине со работата на библиотеките, студентските и ученичките домови на територијата на Република Северна Македонија, во наредните 14 дена, а вработените лица во овие институции да бидат ослободени од работа во овој период.

13. Вработените лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови да се изземат од сите заклучоци, мерки и препораки на Владата.

14. Се задолжува Министерството за внатрешни работи во текот на денешниот ден да објави соопштение во кое ќе се наведе дека ќе се преземат соодветни мерки за сите оние лица кои преку социјалните медиуми објавуваат дезинформации (невистини) на оваа тема, како и за медиумите кои ги пренесуваат овие информации.

15. Економските ресори на Владата будно ја следат состојбата во економијата и стопанството преку домашните економски и финансиски институции, Светската банка и други и врз основа на направените анализи доколку е потребно ќе се пристапи кон воведување на соодветни мерки.

16. Повторно се упатува препораката до приватниот сектор во однос на сите донесени заклучоци, мерки и препораки од Владата за моменталната ситуација.

17. Се задолжува Министерството за здравство, преку центрите за јавно здравје и во соработка со единиците на локалната самоуправа да изврши дезинфекција на сите детски градинки и училишта на територијата на Република Северна Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Контраспин: Силјановска не ги седна пензионерите во ложата на „Мапет шоу“

Контекстот во кој претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ ја кажа репликата за „Мапет Шоу“, беше сосема поинаков од оној што го претстави СДСМ. Самата реплика воопшто не се однесуваше на...