Фото: Влада на РСМ

Министерот за здравство Венко Филипче најави 20.000 дози од вакцината „Фајзер“ кои на 19 и на 26 април по 10.000 вакцини треба да пристигнат во државата.

Најголема количина се очекува од Кина, од каде што треба да пристигнат 200.000 вакцини, и тие според Филипче ќе направат најголема промена во динамиката на спроведување на вакцинацијата. Тој информираше дека по средбата со кинескиот амбасадор, административната процедура во Кина, се забрзала.

Филипче очекува одговор и од руската амбасада за вакцината „Спутник“, а вакцините кои требаа да пристигнат преку билатералните договори со ЕУ, се поместени од крајот на април за почетокот на мај.

До крајот на месецот, Филипче најави и пристигнување на 76.000 дози на „АстраЗенека“, за што имал разговор со претставничката на Светската здравствена организација во Македонија.

Филипче најави дека по примерот на вакцинирање во салата „Борис Трајковски“, така ќе биде спроведена вакцинацијата во Куманово, Штип, Кавадарци, Охрид и Тетово со што би се покриле поголеми региони. Заклучно вчера, вакцинирани се 30.000 граѓани.