Фото: Арбнора Мехмети, Мета.мк

Министерот за здравство Венко Филипче најави скрининг на населението по возрасни групи, за да се процени имунитетот на децата, работоспособните граѓани, возрасните лица над 65 години, врз основа на што би се креирале понатамошните мерки за заштита од корона вирусот.

Тој додаде дека вирусот нема да исчезне со прекинување на рестриктивните мерки. На денешниот состанок на Светската здравствена организација на која учествувале околу 150 држави било разговарано како да се организира здравствениот систем и како тој би одговорил на повторен пик на корона вирусот, кој би можел да се појави на есен или зима. Матичните лекари тогаш би имале уште позначајна улога како примарно здравство, за да може болниците да се посветат на третирање на пациенти со корона вирус.

Филипче оцени дека мерките засега даваат резултат, има линеарен пораст на заболените а вчерашните 100 заболени биле случаен пораст.

Тој информираше дека во Домот за геријатрија во Ѓорче Петров, хигиеничарка била заболена од корона вирус, па поради тоа ќе има серолошко тестирање на сите вработени и сместени во домот, за да се процени нивната здравствена состојба.

Серолошко тестирање ќе се направи и на онколошкиот оддел на Детската клиника, бидејќи таму освен лаборантот, заболена била и медицинска сестра која работи на онколошкиот одел. Вирусот, како што рече Филипче бил донесен во болницата од мајка која лежела со своето дете таму.

Ставањето во функација на лабораториите во МАНУ и Институтот за судска медицина го најави за следната недела.

Поради намалување на бројот на здравствени работници на Инфективното одделение во клиниката во Куманово, седум пациенти ќе бидат префрлени на Инфективната клиника во Скопје.