Фото: Арбнора Мехмети, Мета.мк

Комисијата за заразни болести засега нема да предложи до Владата воведување полициски час или затворање на општините со голем број заразени, но тоа ќе се случи ако бројот на новозаразени расте, рече министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференција. Тој кажа дека комисијата утрово ги анализирала бројките, па и покрај високите бројки, немало пациенти кои се јавуваат во болниците, што покажува како што рече, дека поголем дел се со лесна клиничка слика кои можат да се лечат во домашни услови, а дел се и асимптоматски случаи.

– Поголема екипа составена од пет тимови работи на терен во повеќе скопски општини. Здравствениот систем и со овој бран добро ќе се справи, има доволно опрема, место во болниците, има машини. Околу 70 отсто од сите случаи се од веќе познати кластери, од Чаир и Сарај. Во Штип новодијагностицираните се од вработените во неколку конфекции. Денеска екипа од Министерството за здравство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат е таму, прават увид во работата, има одлука да се затворат пет конфекции, а близу 600 вработени ќе бидат тестирани – информира тој.

За евентуално воведување на дополнителни мерки, Филипче рече дека ставот засега е да се почека да се види каква ќе биде ситуацијата во следниве два-три дена, а во меѓувреме, МВР да работи на контрола на мерките што се веќе во сила. Не ја отфрли можноста за ограничување на движењето за одредени делови кај што има и воведување полициски час, локализирано кај што тоа ќе биде индицирано.
Министерот кажа дека слабата соработка со дел од граѓаните, одбивањето да се пријават во болница кога имаат симптоми, е реален проблем.

– Има случаи кога граѓаните не сакаат да соработуваат. Со криење со давање лажни податоци не се постигнува ништо, така се доведуваат до голема опасност. Апелирам МВР поинтензивно да врши контроли на терен – додаде тој.

Околу членовите на Социјал-демократскиот сојуз, Филипче информираше дека врз основа на контактите кои ги имале со Мухамед Зекири, а по анкетите, од денеска во самоизолација се потпретседателите Дамјан Манчевски, Мила Царовска, Марјан Забрчанец, како и дека позитивен е тестот на Сања Лукаревска.

– Треба да заврши и епидемиолошката анкета на Оливер Спасовски, но голема е веројатноста дека ќе биде потребна самоизолација – рече министерот.

Тој истакна дека добар дел од новозаразените лица се заразиле кога имаше ограничување на движењето. Увери дека здравствените власти ја држат ситуацијата под контрола и дека знаат со кој капацитет може да одговори здравствениот систем и дека точно се знае што и каде е потребно. Потенцира дека има сценарија за ковид-19 до 2025 година, па во таа насока рече дека заразата ќе биде составен дел од нашиот живот.