Фото: Арбнора Мемети

Министерот за здравство Венко Филипче денеска одговарајќи на новинарско прашање посочи дека е можно дa се пролонгира пристигнувањето на кинеските вакцини неколку денови, но не очекува големо одложување.

Тој кажа дека е потпишан и договорот за руската вакцина и дека секојдневно траат разговорите со претставниците на таа компанија.

„Разговорите траат и со компаниите за кинеската и фајзеровата вакцина. Мислам дека во делот на кинеската и на фајзровата вакцина сме во последните денови кога се финализираат последните прашања. Но, ова го кажувам со резерва, бидејќи многу пати така сметавме досега, па излегуваше дека има дополнителни прашања. Интензивно почнавме да преговараме и за руската вакцина, амбасадорот ни понуди со негови лични контакти да проба да го забрза целокупниот процес“, рече Филипче.

Прашан дали тој ќе се вакцинира, тој кажа дека ќе почека да поминат првите групи на здравствени работници, па потоа тој ќе прими вакцина. Информираше и дека досега околу 2.000 здравствени се вакцинирани.

„Вакцинацијата сега продолжува во болниците низ државата. Потоа следуваат лабораториите, па следуваат матичните лекари, со што ќе биде заокружен процесот на вакцинирање на здравствените работници кои работат со ковид-пациенти“, рече тој.

Филипче рече дека во моментов има лесно зголемување на бројот на заразени од коронавирусот, со што факторот Р0 се зголемува.

„Не можеме да бидеме сигурни дали тоа ќе биде тренд и ќе продолжи и понатаму или мини бран кој се случува овие денови. Анализата на вирусот покажа дека 70 отсто од вкупно новодијагностицираните случаи се пациенти кои се заразени со британскиот сој на вирусот. Викендов ќе се анализира ситуацијата во одредени градови, посебно во Кавадарци, Прилеп и Охрид. Врз основа на тие анализи ќе видиме, ќе се препорачаат мерки“, додаде министерот.