Фото: Министерство за здравство

Масовната вакцинација би започнала на крајот на март или првите недели од април и тоа со вакцините на „Астра Зенека“ или кинеските, зависно кои ќе пристигнат први, информираше денеска министерот за здравство Венко Филипче во изјава за медиумите при посетата на Општата болница во Кочани.

„Масовната вакцинација на населението ќе започне или со вакцината на „Астра Зенека“ или со кинеските вакцини. Ние сме секојдневно во комуникација. Навистина и производителите се соочуваат со предизвик да ги испорачаат потребните вакцини ширум земјата. Имаме некакви најави и тие најави се за крајот на месецот, првите недели на април, но повторно, имајќи го искуството од досега, искуството од останатите земји, искуството со Ковакс системот, сите тие соочени со тој предизвик, тогаш кога ќе бидеме сигурни дека тргнале кон нашата земја, ние тоа ќе го објавиме“, изјави Филипче.

Меѓу другото, тој дополни дека што се однесува до досегашната имунизација на здравствените работници, првата група од 4.000 доктори веќе е вакцинирана целосно и тече ревакцинацијата со „Фајзер“. Додека пак, со 3.000 дози на руската „Спутник В“, останува да се вакцинираат уште 700 до 800 лекари.

Што се однесува до него, министерот изјави дека ќе се вакцинира со вакцината на „Астра Зенека“ уверувајќи дека оваа вакцина е безбедна како и сите останти кои би требало да пристигнат во земјата.

Во врска со актуелните мерки за заштита министерот посочи дека очекувањата се тие да дадат видливи резултати по 7 до 10 дена, што би значело на почетокот на следната недела. Но во случај тие да не го дадат посакуваниот ефект, тој уште еднаш потенцираше дека здравствените власти се спремни да воведат и дополнителни рестрикции.

Полицискиот час кој е воведен на 10 март предвидено e да трае до 22 март. Полицијата секојдневно бележи прекршоци на оваа мерка. Само во текот на вчерашната ноќ 13 лица не ја почитувале забраната за движење која трае од 22 до 5 часот.