Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше по објавувањето на извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ, оценувајќи дека документот испраќа јасна порака за насоката во која се движи државата под актуелната Влада на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, ова е најнегативниот извештај во последните десет години и претставува аларм за перспективата на земјата.

„Државата е во целосен застој, а европскиот пат е сведен на празна реторика. Не постои напредок во ниту една област, а во делови има и назадување. Македонија, наместо да чекори со земјите од регионот кои напредуваат, е во групата со Косово, Молдавија, Украина и Босна и Херцеговина, далеку од динамиката која ја има Албанија, Црна Гора“, рече Филипче.

Само четири области, кажа Филипче, покажуваат позитивен напредок, а во осум нема никакви поместувања. Посебно загрижува, според него, драматично ниската оценка во економијата, каде што се бележи стагнација и пад.

„Реформската агенда не се спроведува, обврските се неисполнети, а државата губи пари од ЕУ. Недозволиво е да нема буџет за спроведување на реформите кои се клучни за европскиот процес. Во демократијата нема напредок, Собранието е блокирано, а уставните измени, кои се клучни за старт на преговорите, не се ни разгледуваат. Во судството независноста останува поткопана, а борбата против корупцијата е во застој. Јавната администрација функционира со 60% закони донесени по скратена постапка, без јавни дебати и комуникација со експертската јавност. Во образованието финансирањето е намалено, а резултатите кај учениците се влошуваат. Во животната средина и земјоделството недостигаат клучни закони. Во даночниот систем доцнењата на повратот на ДДВ се алармантни“, кажа тој.

Според претседателот на СДСМ, оваа влада ниту има визија, ниту капацитет да ја води државата напред.

„Регионот оди сериозно напред, а ние ризикуваме да останеме слепо црево на Балканот. Младите ја гледаат состојбата и иднината ја бараат надвор“, порача Филипче.

Коментирајќи ги внатрепартиските промени после локалните избори, потсети дека ќе има промените во политиките, а идеолошка база останува иста.

„Работиме на програмата која ќе биде посветена на различни сектори согласно нашите вредности и политики. Работиме на проширување на опозициската платформа во која ќе има и организации. Сметам дека сме единствена сила која може да парира и да се соочи со ВМРО-ДПМНЕ, потребен ни е поширок фронт. Разговарав со многу луѓе ја разбирам негативната емоција, таа се должи на неисполнети очекувања во очи изборите и јас го разбирам тоа. Кога емоциите ќе спласнат ќе може да се дебатира поразумно. Ќе ги најдам најдобрите луѓе кои ќе бидат дел од тимот , не сакам да се избрза со тој процес“, рече Филипче.