Државите секојдневно добиваат серија препораки од Светската здравствена организација (СЗО) за тоа како да се справат и борат против корона вирусот, откако неодамна беше прогласена вонредна состојба од меѓународен карактер.

Во меѓувреме, СЗО на здравствените власти ширум светот им испрати документ во вид на прашалник кој тие треба да го пополнат, а се однесува на подготвеноста на здравствените системи да се справат со ситуацијата. Прашалникот е алатка чија е цел е да се види дали и колкав е капацитетот и подготвеноста на секоја држава одделно, за откривање и справување со вирусот кој е зоотичен и предизвикува респираторни заболувања.

Низата прашања ќе им помогнат на здравствените власти во државите да ги идентификуваат главните недостатоци, да направат проценки на ризик и да подготват план за дополнителни истраги и контролни активности.

Прашањата во овој документ ги погледнал и министерот Венко Филипче, кој за „Мета.мк“ вели дека се постапува и се внимава да биде исполнето сѐ што е во прашалникот.

– Сето тоа што е таму содржано веќе го правиме. Препораките што се даваат се според можностите на земјите. Ние имаме лабораторија, имаме алгоритми, меѓународен здравствен правилник. Имаме подготвено и изолација, карантин на Клиниката за инфективни болести. Денес стасаа и реагенси, така што комплетно сме подготвени. Го разгледав документот, ги видов прашањата. Она што треба да се има предвид е дека одговорните лица во Инситутот за јавно здравје се во континуирана комуникација со СЗО и цело време се постапува согласно нивните препораки – вели Филипче.

Тој додава дека засега нема најава за пристигнување на нови патници во земјава, за утре нема најава ниту од авиокомпаниите. Оние кои веќе пристигнале немаат симптоми, не ни биле блиску до Вухан. Засега, според Филипче ситуацијата е под контрола.

Инаку, во нацрт документот има по неколку прашања кои се во врска со националниот лабораториски систем, логистика, превенција и контрола на инфекции, управување со случаи, комуникацијата за ризик, а има и прашања во врска со наредбите, насоките и координацијата во случај на опасност. Исто така, СЗО ги интересира и дали и колку е подготвен тимот за брза реакција, како и подготвеноста на земјите да направат проценка на надзор и ризик.

Во меѓувреме, денеска реагираше Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП), од каде што апелираа да се преземат превентивни мерки за да се спречи евентуална појава на корона вирусот, со оглед на тоа што постојано заминуваат и доаѓаат кинески работници од кинеската компанија „Синохидро“ во државава.

– Kинеската компанија „Синохидро“ врши дејност на повеќе локации со вработени од Кина, кои редовно транзитираат на релација Кина – Македонија. Ве повикуваме како одговорни за нашите работници и граѓани со своите надлежни органи и тела да преземете соодветни мерки и активности за спречување на ширење на вирусот на нашата територија. Како единствен репрезентативен синдикат на вработените од секторот градежништво и индустрија за градежни материјали сме загрижени за вработените и граѓаните и очекуваме повратна информација за преземените мерки, со цел избегнување на непланирани одложувања и прекини на градежните активности кои се во тек – бараат во Синдикатот.

Според последните податоци, досега има 24.000 инфицирани лица во Кина, а освен нив има 150 други заболени во 23 држави. Поради компликации од корона вирусот досега починале 490 лица.