Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции порача дека додека Европската Унија го забрзува процесот на проширување, Македонија останува единствената земја кандидат која не бележи напредок.

Филипче оцени дека регионот се движи напред, а Македонија стагнира во момент кога ЕУ јасно покажува дека проширувањето е еден од нејзините клучни приоритети.

„Секој ден гледаме како регионот оди напред. За жал, ние стоиме во место. Кога регионот оди напред, а ние не правиме ништо, тоа е и назадување. Ќе дојде период во кој веќе нема да може да се споредуваме со никого, затоа што луѓето овде нема да ја гледаат иднината“, рече Филипче.

Тој посочи дека Македонија е единствената земја кандидат без отворено преговарачко поглавје, додека четири други земји кандидати – Албанија, Црна Гора, Молдавија и Украина – одржале меѓувладини конференции за пристапување кон ЕУ.

„Очигледно е дека не одиме напред. Ние сме единствената земја која нема отворено поглавје за преговори, додека овие четири земји кандидати очигледно ќе бидат следните земји членки на Европската Унија“, рече тој.

Филипче нагласи дека последните извештаи на Европската Унија се предупредување за состојбите во земјата, особено во областите на владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата и слободата на медиумите.

„Влијанието на власта врз правосудството, слабиот перформанс во борбата со корупцијата, влијанието на ‘српскиот свет’ и Русија врз регионот, како и контролата на медиумите и притисокот врз новинарите, се нешто што отворено стои во извештаите“, рече Филипче.

Тој порача дека Македонија нема алтернатива освен продолжување на европскиот пат, кој, како што рече, е стратешка определба од независноста на државата.

Според него, пристапниот процес кон ЕУ носи конкретни придобивки за граѓаните преку реформи, зајакнување на институциите и пристап до европски фондови.

„Имаме примери од земјите кои последни влегоа во Европската Унија, како Бугарија и Хрватска, кои благодарение на пристапниот процес и членството значително се променија и добија можност да користат милијарди евра европски средства за инфраструктурни проекти“, рече Филипче.

Тој предупреди дека Македонија ризикува да ја пропушти можноста за користење на идните европски фондови доколку продолжи застојот во евроинтеграциите.

„Што ќе се случи ако ситуацијата остане статус кво? Дали ќе бидеме предвидени како земја која ќе може да користи финансиски средства од Европската Унија во следниот седумгодишен период или ќе останеме на маргините, ако власта не покаже желба и конкретни чекори за продолжување на европскиот пат?“, праша Филипче.