Фото: Арбнора Мемети

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека компанијата „Фајзер“ побарала вакцината против ковид-19 да ја увезува директно во земјава, без посредници. Тие побарале до македонските надлежни институции да аплицираат за увозник на вакцината, а со тоа и да аплицираат за регистрација на вакцината во земјава. Токму поради таа причина, во Собранието на РСМ се најдоа измените на Законот за лекови, по барање на „Фајзер“.

Сепак, Филипче тврди дека ова нема да претставува пречка за пристигнување на вакцините на „Фајзер“ од Србија преку интервентен увоз, бидејќи во тој случај не се врши регистрација на вакцината.

„Но и за тоа се потребни документи кои сега српските власти ги чекаат од ‘Фајзер’ за да можат со интервентен увоз да дојдат вакцините во земјата. Овој производ не можел досега да биде регистриран тука бидејќи не постоел, односно тој е нов“, вели Филипче.

Тој додава дека гаранција за безбедноста на вакцините на „Фајзер“ од Србија во нашата земја ќе бидат контролите од меѓународните лаборатории и оние што се направени во земјата-производител.

Филипче денеска одговори и на понудата на српската премиерка Ана Брнабиќ, која вчера јавно изјави дека лекарите од нашата земја можат да се вакцинираат во Србија. Тој се заблагодари на понудата на Брнабиќ, велејќи дека нашите лекари ќе се вакцинираат дома и дека според планот за вакцинација тие се први меѓу приоритетните групи.