Постапката на издавање и употреба на дигиталниот зелен сертификат во ЕУ

Од почетокот на наредната недела, дигиталната ковид пропусница сите заинтересирани граѓани ќе можат да ја симнат како апликација на своите мобилни телефони. Ова денеска го најави министерот за здравство Венко Филипче, кој додаде дека ковид сертификатот ќе го издаваат матичните лекари.

„Тоа е пас кој електронски преку QR код и апликација која ќе може да се симне на секој мобилен телефон ќе содржи простор за три податоци – податок за вакцина, односно ревакцина и типот на вакцината, ПЦР тестирањето кое секогаш ќе може да се надгради со секое следно ПЦР тестирање, и податок за соодветна количина на детектирани антитела како доказ за прележана болест“, изјави министерот за здравство Филипче.

Тој рече дека засега е тешко да се каже каква ќе биде политиката на земјите-членки на ЕУ во однос на тоа дали на македонските граѓани ќе им бидат доволни за влез двете примени дози од кинеската или руската вакцина против ковид-19.

Амбасадорите на земјите-членки на ЕУ вчера се согласија на мерките кои им овозможуваат на вакцинираните лица од трети земји да влезат во блокот на Унијата. Договорот треба да го официјализира Европскиот совет. Со приближувањето на летната туристичка сезона, амбасадорите на 27-те земји-членки ја одобрија препораката на Европската комисија која што ќе им овозможи влез во ЕУ за оние лица од трети земји кои ги добиле потребните дози на вакцини одобрени од ЕУ против ковид-19.