Креветите кои во моментов се на располагање во македонските болници од јавното здравство за болните од ковид-19 забрзано се пополнуваат. Бројот на хоспитализирани лица со ковид-19 во земјава достигна 890, што е околу 7 отсто од регистрираните заболени. Поради тоа, како што најави министерот Венко Филипче на денешната прес-конференција активиран е планот за дополнителни капацитети.

„Цела зграда за интерни болести ќе биде наменета за третман на ковид. Модуларната, Инфективна клиника, се полни“, рече Филипче.

Тој потенцира дека вирусот е широко распространет, па и најмало невнимание може да значи инфекција. Според Филипле, одлучено е дека во овој момент нема потреба од дополнителни рестрикции, но останува апелот да не се излегува од дома ако за тоа нема потреба.

„Состојбата е сериозна, здравствениот систем е максимално мобилизиран за да одговори на предизвикот. Клучот е во почитувањето на мерките“, рече министерот.

Моменталната проценка исто така била дека нема потреба да се ангажираат приватните болници.

Министерот најави дека со активирањето на планот за дополнителни капацитети, не би требало да се поремети функционирањето на останатите клиники, а системот „Мој термин“ ќе продолжи да функционира.

„Лекарите и медицинските сестри се спремни, имавме состаноци изминативе денови. Ќе бидат ставени во функција 150 дополнителни кревети на интерните клиники, други 100 има на други одделенија, и плус со други 100 располага болницата ‘8 Септември’“ – информира Филипче. Во болниците и на клиниките, тој увери дека има доволно раствори и антибиотици кои се препишуваат за оваа дијагноза.

Тој кажа дека е голем притисокот врз службите за брза помош, а есенскиот бран го зголемил и притисокот кон пунктовите за тестирање. Зголемени се капацитетите за 400 до 500 тестови на ден, а вклучени се и брзите тестови. Стасале и сите вакцини за грип, пунктовите во здравствените домови се подготвени и вакцинацијата ќе започне во вторник.

Филипче посочи дека во последните недели се случува експлозија на вирусот, како кај нас така и во регионот и во цела Европа.

– Во извештајот на СЗО се наведува дека во Европа минатата недела е забележан пораст за 46 отсто на смртните случаи од корона вирус во споредба со претходната недела. Слично е ситуацијата и во регионот. Огромен број на случаи има и во Грција, 2.917 нови, 29 починати, во Албанија 421 случај кој што е рекордна бројкка, во Србија 2.181 случај во Хрватска 2.818, во Словенија 1.685, во Босна 1922 пациенти, рече Филипче.

Тој даде дека во регионот расте бројката и на починати, а според информациите кои ги има од неговите колеги министри за здравство од земјите во регионот, најголем предизвик се сместувачките капацитети, болничките кревети и кадарот кој што е дефицитарен.