Република Бугарија од секоја пратка на вакцини против ковид-19, кои директно ги купиле од производителите, дел ќе донира и на Македонија, информираат од Министерство за здравство.

„Ова беше одлучено утрово на владината седница во Софија каде свое обраќање имаше и министерот за здравство Венко Филипче. Со оваа одлука во нашата земја вакцини против ковид-19 ќе стигнуваат во исто време како и во останатите земји членки на Европската Унија. Министерот во Софија е на покана на премиерот Бојко Борисов и министерот за здравство проф. Костадин Ангелов,“ се вели во соопштението.

Во него се додава дека на денешната седница од страна на Владата на Република Бугарија се донела одлука од секоја колична вакцини протви ковид-19, која стигнува во Република Бугарија, една одредена количина да биде наменета за нашите граѓани и тоа да биде во форма на донација.

„Со ова ние практично стигнуваме до вакцините со истата временска динамика со која стигнуваат и земјите членки на Европската Унија. Бугарија како членка на ЕУ ја имаше таа привилегија да прави директни преговори со повеќе произведувачи. Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да може да вакцинираме 60 до 70 проценти од населението,“ изјави министерот Филипче.

Според информациите од здравствените власти во Република Бугарија, најпрво во Софија ќе стигне вакцината на „Фајзер“, потоа на „Модерна“, па на „Астра Зенека“.

Освен преку донација од Република Бугарија, нашата земја обезбеди вакцини и преку Ковакс механизмот. Европската Унијата за земјите членки обезбеди 400 милиони вакцини и 100 милиони дополнително за земјите кои не се во Унијата, а вакцините може да ги добиваат со посредување на земји членки. Досега таков вид на помош, на нашата земја и понудија Полска и Грција. Република Северна Македонија води преговори и со произведувачите за директна набавка на вакцини и од нив.