fbpx

Филипче: Бројот на заболени сега е 35, се прават анализи на уште 30 лица

-

До 12 часот денеска, вкупната бројка на заболени лица со корона вирус во земјава е 35, иформира на прес-конференција министерот за здравство, Венко Филипче. Доцна синоќа биле изработени резултатите на четворица пациенти кои се позитивни, а биле во врска со четворицата лица од Дебар кај кои вчера беше дијагностициран вирусот.

– Сите новодијагностицирани се со лесна клиничка слика, а стабилна е состојбата и на лицата на Инфективната клиника. Стабилна е и пациентката која е на респираторна машина. Се прават анализи на уште 30 лица, една жена од Куманово и две од Скопје, а другите 17 се од Дебар и околината. Според разговорот со локалните инфектолози и епидемиологот, скринингот добро се спроведува – рече Филипче.

Авионот кој слета синоќа од Брисел, а за чии патници имаше индикација за тестирање кај 12 лица, сите тестови се негативни заради што сите патници се пуштени дома со препорака за задолжителна самоизолација.

– Вчера преку Деве Баир пристигна група од 10 луѓе кои беа сместени во Пепелиште. Синоќа и сега утрово беа прегледани од епидемиолог, ќе бидат префрлени во заводот во Демир Капија бидејќи имаше реакции дека условите во Пепелиште се лоши. Се надевам дека ќе имаат разбирање – додаде министерот.

Тој информира дека залихите на крв и крвни деривати се сосема доволни и дека има идентично количество како што имало и лани, со тоа што се одложени хроничните интервенции, со цел да се превенира евентуален недостаток. Сите итни интервенции онколошки се извршуваат со вообичаеното темпо и рутина.

– Денеска на Влада беше предложено до Собранието односно до претседателот на државата за прогласување вонредна состојба. Ние во рамки на здравствениот сектор и онака функциониравме во една вонредна состојба, со поставување пунктови на граници, со спремност за препознавање на пациенти, со протоколи, со мниторинг на Клиниката за инфективни болести, но сметам дека вонредната состојба на ниво на држава ќе ги зголеми ингеренциите дополнително и ќе помогне во спроведувањето на мерките и носењето нови – рече Филипче.

Стасуваат публикации и наоди од европските земји кои се однесуваат на корона вирусот, а една од нив се однесува на тоа како започнала епидемијата во Северна Италија.

– Најголемиот проблем е тоа што за кратко време овој вирус може да ги наполни одделенијата за интензивна нега. На пример, во градот Кодоњо бил примен еден пациент на крајот на јануари, а веќе следниот ден, имало 36 други пациенти кои биле на интензивна нега, а не биле во директна епидемиолошка врска со претходниот пациент. Во таа смисла, раното откривање скрининзите сметам дека се од клучно значење за да не се оптовари здравствениот систем – додаде тој.

Апелираше уште еднаш сите граѓани да се придржуваат до мерките за превенција, да се држи дистанца, да се мијат раце. Маските на кои пишува дека се за една употреба, да се користат за една употреба. Освен тоа, рече сите да се придржуваат на мерките за самоизолација зашто тоа е клучот за прекин на ширење на вирусот и дека се`  е во рацете на граѓаните.

Засега, како што кажа Филипче, има доволна количина на тестови, односно има 1.500 во овој момент. Министерството за здравство ќе набави уште 1.000, а дополнителни 1.000 тестови ќе добиеме како донација. Нашата земја, рече Филипче, може да смета на 1.000 тестови неделно со оглед на тоа дека потребата се зголемува.

– Кога велиме масовен скрининг на населението, тоа не е мерка која се прави на било кого. Мора да има индикација, некаква врска епидемиолошка со луѓе заболени. Конкретно веќе може да се почне со скрининг и во Струга заради интензивната комуникација со лица во зоната на Дебар. Насоките и препораките од СЗО, се да не се тестираат лица кои немаат симптоми. Но, сакаме да стигнеме до лицата кои биле во контакт, а не се поминати 14 дена. Тоа е голем предизвик за епидемиолозите, но се справуваат – рече министерот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

(АНАЛИЗА) Наплата на даноци и трошоци за плати и комуналии во 2023: Струга, Тетово, Чаир и Скопје

„Договорни услуги“ во износ од стотици илјади евра, платите и придонесите доминантна трошковна ставка во буџетите на локалните власти. Во второто продолжение на „Анализа“ се претставуваат податоци за приходите...