Филипче: Апсолутно никој нема да избегне одговорност за пожарот во болницата во Тетово

Фото: Фејсбук страна на Министерот за здравство, Венко Филипче (05.09.2021)

Апсолутно никој нема да избегне одговорност за пожарот вчеравечер во болницата во Тетово, па ниту јас, ако истрагата утврди одговорност, порача министерот за здравство Венко Филипче на конференцијата за медиуми попладнево. Филипче ги изнесе ставовите на Министерството за здравство и неговите ставови во однос на настанувањето на пожарот во модуларната болница за ковид-19 во Тетово, уверувајќи дека сè ќе биде оставено на истрагата и дека министерството ќе ја достави целата документација не само за оваа болница, туку и за другите модуларни болници од овој тип.

Филипче изрази најдлабоко сочувство на семејствата на загинатите. Рече дека од одговорноста никој нема да избега, но дека сепак треба оценката да ја дадат експертите.

Според министерот за здравство, ќе се објават и сите спецификации за тетовската модуларна болница, во оној миг кога обвинителството ќе го дозволи тоа. Дури и денеска, би објавиле, доколу не е пречка, порача Филипче на рашањето од Порталб.мк кога ќе бидат објавени техничките спецификации и документацијата за технички прием за монтажната болница за ковид-пациенти во Тетово. Тој рече дека Владата денеска побарала и учество на независни странски експерти во истрагата.

„Од вчера сите капацитети се вклучени да се утврдат причините за пожарот во Тетово, во моментов уште трае истрагата, па замолувам да имаме трпение. На денешната седница на Владата донесовме одлука на нашите експерти да се придружат експерти од странство. И тоа не поради друга причини, туку за да се расчистат дилемите за независна истрага. Како министер и како човек, пред сè, барам да бидат презентирани сите факти и порачувам дека никој нема да биде изземен од одговнорност ако истрагата утврди вина“, рече Филипче.

Прашан за тоа дали има загинати од придружбата на ковид пациентите кои биле присутни во модуларната болница, министерот за здравство појасни дека треба да се почека за дефинитивни одговори од истрагата, а на второ прашање за тоа како е можно во ковид-центар да има придружба и посета, тој рече дека е тешко да се контролира ситуацијата.

„Посети се забранети, но ќе инсистирам на точен пристап, анализа, за да ги прецизно изнесеме сите информации“, рече Филипче.

На прашање за морална одговорност, тој во своето излагање пред јавноста рече дека сега сепак треба да се менаџира ситуацијата со болните кои преживеаа, а потоа, по објавувањето на резултатите од истрагата, ќе донесе одлука дали ќе си даде оставка.