fbpx

Филипче: Aлгоритмот за оздравени пациенти е сменет затоа што по 10 дена без симптоми вирусот не е пренослив

-

Согласно новиот алгоритам за оздравување пациенти заболени од ковид-19, за разлика од досегашните правила според кои со истекот на 14 дена беше потребно да се добијат два негативни последователни тестови во период од 24-48 часа, сега еден пациент ако е асимптоматски случај во период од 10 дена, ќе се смета за оздравен по 11 дена. Познавачите ја поздравуваат оваа новина бидејќи, како што велат, многу научни трудови докажале дека по деветтиот ден дури и позитивните пациенти не можат да ја пренесат болеста.

– Ова го направивме затоа што контролните тестови после 10, односно 20 дена покажаа дека вирусот не е вијабилен – кажа за „Мета“ министерот Венко Филипче.

Од денеска во системот на „МојТермин“ е во функција новиот алгоритам за оздравување на пациенти. Новиот алгоритам се однесува на пациентите на домашно лекување, но не ги опфаќа хоспитализираните пациенти. За прв ден на заболување се зема денот на првиот потврден позитивен тест. Филипче пред неколку дена кажа дека претходните препораки кои досега важеа кај нас, но и во многу други земји во светот за два негативни Пи-Си-Ар тестови, биле базирани на искуствата со SARS и MERS вирусите, заради тоа што овој вирус беше непознат. Но, најновите препораки ги земаат предвид сознанијата генерирани во последните шест месеци од оваа пандемија.

Микробиологот проф. д-р Никола Пановски вели дека уште пред неколку месеци научно е докажано дека по истекот на деветтиот ден, дури и позитивните пациенти не може да ја пренесат болеста.

– Оваа нова пракса е сосема во ред. Пациентите го исфрлаат вирусот од себе, а тоа исфрлање може да трае и со месеци, а во меѓувреме не може да се пренесе на други луѓе. Тоа што се исфрла практично се мртви клетки, вели д-р Пановски.

Ако еден пациент имал симптоми во текот на болеста, истиот ќе се смета за оздравен по истекот на минимум 20 дена, односно 21 ден само во случај ако последните три последователни дена немал симптоми на болеста. Процесот на оздравување сега е во целост поврзан со дневните извештаи кои ги пополнуваат матичните лекари за своите позитивни пациенти и Регистарот за позитивни ковид-19 пациенти.

Во Националниот систем за електронски евиденции во здравството – Мој Термин се проверува дали за секој нареден ден има пополнет дневен извештај од матичен лекар или негова замена. Доколку во 10 последнователни дена има дневни извештаи и истите се одговорени со не/нема: истоштеност, болки во зглобови и/или мијалгија, кашлица, искашлок, отежнато дишење, дијареа, а температурата на пациентот е помала од 37.5 тогаш добива статус – Предлог за оздравен.

Доколку во 10 последнователни дена има барем еден извештај каде на било кое прашање од погореспоменатите е одговорено со да/има, пациентот добива статус – Предлог за оздравен со истекот на минумум 20 дена (односно 21 ден) само во случај ако последните 3 дена се асимптоматски. Ако по истекот на 20 дена пациентот нема три последователни асимптоматски дена, предлогот за оздравен ќе биде после три последователни асимптоматски дена. Додека пациентот не добие статус „Предлог оздравен“, тој има статус „Болест во тек“.

Пристап до статусот на пациентите во Мој Термин ќе имаат епидемиолозите во Центрите за јавно здравје (ЦЈЗ). Секој Центар за јавно здравје (ЦЈЗ) ги гледа само пациентите на кои матичниот лекар на пациентот се наоѓа на подрачје кое го покрива конкретното ЦЈЗ, а за пациентите кои немаат избрано матичен лекар (домашни или странски) пристап до статусот имаат сите Центри за јавно здравје. За пациентите кои немаат избрано матичен лекар пополнувањето на дневните извештаи за состојба на пациентот го прави епидемиолошка служба од надлежниот центар за јавно здравје кој ја направил епидемиолошката анкета.

Минатата недела Комисијата за заразни болести го усвои и новиот протокол за ослободување на пациентите од изолација. Согласно новиот протокол, пациентите не прават контролен тест по излегувањето од изолација. Ако пациентот е асимптоматски случај, на 10 ден автоматски се генерира извештај за завршување на изолација, односно на 20 ден кај пациентите кои имале симптоми.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Средношколски самит за кариерен развој в понеделник во Скопје Сити Мол

Во понеделник, на 22 април, во „Синеплекс“ во трговскиот центар Скопје Сити Мол ќе се одржи Средношколски самит за кариерен развој. Настанот ќе започне во 17 часот, а е...