Фото: Влада на РСМ

Владата и Министерството за здравство од почеток на овој процес на набавка на вакцини, комуницира со голем број на компании со цел таа набавка да биде што поскора. Имаме два принципи кои ги следиме, тоа се принципите на внимателност и на регуларност. Ги отфрлам сите обвинувања на опозицијата дека станува збор за некакви незаконски постапки и за некакви провизии, рече на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Тој кажа дека испратени се документи до многу компании со цел да се добијат што повеќе информации за можности за набавка на вакцини, а во таа смисла, и за овие 200 илјади кинески вакцини од „Синофарм“, нешто што се прави, како што рече, по принцип на внимателност.

„Имено, после иницијалните обиди да направиме директен контакт со фабриката „Синофарм“, по што не успеавме, побаравме помош од наши кинески компании кои се во земјава активни. Тие ни укажаа на компании со кои можат да нè спојат, во меѓувреме беше потпишан договор, се вклучи и нашата амбасада во Кина која за тоа го извести и тамошното Министерство за надворешни работи. Ни укажаа дека не е тоа патот кој треба да го одиме, туку треба да одиме по друг пат. Не станува збор за ништо незаконски, нерегуларно, не станува збор за провизии, за што овие денови не обвинува опозицијата. Во делот на одговорноста за вакцините тоа важи за разговорите и договорите со сите компании. Тоа е обврска на министерството и тоа го преземаме за сите вакцини зашто министерството е одговорно, преку својата програма за имунизација за секој дел од несаканите ефекти, тоа се однесува на секоја вакцина која влегува во земјата“, објасни Филипче.

Министерот ги осуди сите обиди, како што рече, да се фрли дамка во една ваква чувствителна ситуација кога вакцинцијата треба да продолжи во земјата.

„Со ова се прави обид да се наруши угледот, да се компромитира процесот, а со тоа и да се загрози целиот процес на имунизација во нашата земја. Сметам дека со ова некој политички сака да поентира, а цената да биде здравјето на нашите граѓани“, додаде тој.

Филипче појасни дека компаниите од кои барал помош биле компании кои ги увериле  дека може да стигнат до вакцините.

„И ние стигнавме до вакцините, но пораката од кинеското МНР беше дека треба да следиме друг пат кој тие ќе ни го сугерираат. И тука нема ништо сомнително. Гледате каква борба е во светот да се стигне до вакцини. За какви фантомски фирми сме ние обвинети, кога средствата се вратени? Овде нема никава манипулација, едноставно ги следиме насоките од кинеското МНР. Кога би имало простор за манипулација, би имало и финансиска штета, а такво нешто нема. Сега по патот кој го сугерираше кинеското МНР, количината е повторно за набавка на 200.000 вакцини“, рече тој.

Информираше и дека слободни кревети има во секоја здравствена установа и во модуларните болници низ државата. Министерот рече дека во Скопје се вратени во функција интерните клиники, како и дека со системот на ротација се трансферираат пациенти согласно потребата за прием. Инаку, според последните преговори со „Астра Зенека“, 20.000 вакцини треба да бидат донесени во земјава до крајот на овој месец.

Реакцијата на Филипче околу процесот на набавка на вакцини, доаѓа откако италијанскиот весник „Ла Верита“ објави писма адресирани до кинеската „Синофарм“. Она што е проблем според весникот, е содржината во едно од писмата во кое компанијата, односно Кина, се ослободува од одговорност од евентуални негативни последици од употребата на вакцината. Исто така, во текстот во „Ла Верита“ пишува дека авансот што го уплатила државата за набавка на 200.000 вакцини, е вратен затоа што наводно требало да се одвива преку посредничка фантом-фирма со седиште во Хонгконг, а тоа довело до поништување на процедурата. Весникот „Ла Верита“ и претходно беше употребуван за објавување содржини поврзани со Македонија, особено во предизборен период.