Филипа Николова, 16-годишно девојче од Бугарија, која сега живее во Лос Анџелес, каде нејзината мајка Љубка Качакова сега е трговско аташе на Бугарија, предминатата седмица стана сензација со нејзиното видео во кое се спротивставува на младата шведска еко-активистка, 17-годишната Грета Тунберг, оспорувајќи некои од нејзините ставови.

Филипа, за која бугарскиот весник „24 Часа“ пишува дека од петгодишна возраст, свесна за социјалните нееднаквости, се впушта во детска и потоа младешка хуманитарна битка, во три и пол минутно видео, се спротивставува на некои од ставовите на Грета, кажани, меѓу другото, и во нејзиниот говор на Самитот на ОН за климата, на 23 септември минатата година.

– Драга Грета, како и милиони луѓе на овој свет го слушав твојот говор. Ти зборуваш во името на нашата генерација. И колку и да го ценам тоа, има некои работи со кои не се согласувам и се надевам дека ќе ми ја разбереш пораката. Грета, ти го напушти училиштето за да патуваш по светот и да зборуваш за климатските промени. А во светот милиони деца не биле никогаш на училиште. Велиш дека твоето детство било украдено… УКРАДЕНО!? – реплицира младата Бугарка.

Филипа остро порачува дека Грета нема право да зборува за тоа дека нејзиното детство е украдено, кога милиони деца во светот се гладни и не се школуваат бидејќи мораат да работат.

Иако се согласува дека климатските промени се огромен проблем, Филипа смета дека борбата за заштита на животна средина не смее да се одвива на сметка на економијата. На младата Бугарка не и се допаѓа ниту тоа што Грета ги напаѓа богатите, порачувајќи дека токму богатите се тие што со своите пари најмногу може да придонесат за нови откритија во полето на еколошките технологии и нивната примена.

– Исто така велиш дека оние што ги донесуваат одлуките се загрижени само за парите и за економскиот раст. Грета, не можеш да ги спротивставиш економијата и заштитата на животната средина. Се надевам, Грета, дека знаеш дека сите големи постигања на човештвото во уметноста и науката се постигнати благодарение на финансиската поддршка на богатите. Грета,верувам дека немаш никакво право да се жалиш на своето детство и да ги обвиниш богатите дека не помагаат да се најде решение за проблемот! Тоа не е фер! Богатите луѓе како Опра Винфри, која изгради училиште за девојчиња во Африка, Мет Дејмон кој помага на луѓе во Африка да имаат чиста вода, организациите на Бил Гејтс и неговата сопруга помогнаа на толку многу луѓе во нужда – вели 16-годишната хуманитарка.

Таа на крајот ѝ порачува на Грета Тунберг не само да обвинува, туку да понуди решение, да ја искористи својата слава и да формира организација која ќе помогне да се спаси светот.

– Направи нешто реално, Грета, како Бојан Слат од Холандија кој на 16 годишна возраст направи брод за чистење на океаните. Се надевам дека еднаш ќе се сретнеме и ќе соработуваме, но и да не се случи тоа, сепак верувам дека може да направиш нешто големо. Многу среќа – порачува 16-годишната ќерка на поранешна заменик-министерка за економија и за екологија.